Холандскиот тур-оператор ТУИ Холандија покрај веќе постоечката сезонска линија од Амстердам за Охрид, ќе лета и од холандскиот град Ајндховен, соопшти операторот на македонските аеродроми ТАВ.
Авионите од типот „боинг 737-800“ на ТУИ Флај ќе летаат на новата линија од 11 мај до 21 септември 2018 година.
Ајндховен е во јужниот дел од Холандија и е блиску до белгиската граница и од ТУИ ќе се фокусираат на носење туристи кон Охрид од Белгија.
„Главната причина за воведување на оваа сезонска линија е поради тоа што сакаме да привлечеме туристи и од Белгија. Сигурни сме дека можеме да го прошириме пазарот“, изјави Жак Кријнон, продукт-менаџер во ТУИ Бенелукс.
Како што објавија официјалните претставници на ТУИ, сезонските летови од Ајндховен треба да донесат од 3.000 до 3.500 патници на Охридскиот аеродром, додека вкупно, вклучително и со летовите од Амстердам, ТУИ очекува да донесе 15.000 туристи во Македонија следната година.