Македонскиот филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески на 31 јануари во 20, 30 часот ќе се прикаже на каналот „Синемакс“ на најголемата светска ТВ мрежа „Ејч-Би-О“ . Режисерот на Фејсбук објави дека филмот премиерно ќе се емитува во ексклузивен термин во 14 земји во Европа, а ќе биде достапен и на услугата видео на барање – „Ејч-Би-О-Гоу“ .
„’Синемакс ‘ е поинаква и интелигентна филмска програма која се фокусира на класика, култни филмови, евергрини, како и меѓународни и европски сензации од филмските фестивали. Филмската програма на ‘Синемакс’ прикажува врвни актери и режисери во неповторливи приказни, а гледачите уживаат во разновидна програма со шокантни ‘треш’ наслови, трилери, хорори и серии“, пишува Ставрески.
Македонската премиера на „Исцелител“ беше на 19 ноември, на затворањето на филмскиот фестивал Синедејс во Скопје. Црната комедија на Ставрески претходно освои награда од публиката на фестивалот во Солун, а со голем аплауз помина и скопската премиера.
Во „Исцелител“, приказна за синот кој нема пари да му купи лекови за рак на болниот татко па почнува да го лечи со алтернативна медицина, играат Благој Веселинов и Анастас Тановски, камерата е на Дејан Димески.
„Јас сум фасциниран од колапсот на здравството и сирмаштијата, ме фасцинира како парите лесно одат нагоре кај богатите, а многу тешко надолу кај сиромашните. Отсекогаш сум фан на Дарвиновата теорија за еволуцијата, математичар сум, и низ години сфатив дека толку ни е лошо здравството што никој не верува во медицина, туку во алтернативно лечење и теории на заговор, па идејата за филмот дојде од тука. Верувам дека во едно општество најважно е здравството, здравството го немаме и мора нешто да се смени“, изјави по премиерата Ставрески .
Ова е прва македонско-грчка копродукција, а Ставрески рече дека грчкиот продуцент се нафатил за филмот и покрај економската криза во Грција.
„Исцелител“ досега беше на фестивалите во Талин (Естонија), Гоа (Индија), повеќе светски медиуми напишаа пофални рецензии, а Ставрески доби и награда за најдобро сценариот на Фестивалот на медитерански филм во Брисел.
Б. НЕСТОРОСКА