Јавното претпријатие за државни патишта денес распиша оглас по скратена постапка за времено вработување на 93 лица. Според огласот, кој трае до 9-ти овој месец, 74 места се предвидени за инкасанти на патарините, а останатите се за вработувања во секторот за контрола на сообраќајот.
Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта, вели дека биле принудени да распишат конкурс по скратена постапка за времено вработување, бидејќи на претходно вработените, договорите на дело им завршиле пред Нова Година и има опасност патарините да останат без инкасанти.
„На 53 инкасанти пред Нова Година им истекоа договорите за работа. Не можевме да им ги продолжиме договорите, оти согласно законските решенија мора да има оглас. Распишавме оглас за времени вработувања, оти тој може да биде по скратена постапка и да трае пет дена. Доколку одевме со редовен оглас за трајно вработување, ќе се доведевме во ситуација цел месец да нема инкасанти на патарините. Според овој оглас времените вработувања се до 30 јуни. Бевме затекнати од состојбата бидејќи во програмата за работа на претпријатието за 2017 година не беа предвидени вработувања. Програмата не можевме да ја измeниме, а дополнително се усложнија работите и со роковите за локалните избори. Затоа за наредната година навреме ќе ги планираме вработувањата“, кажа Китанов.
Тој вели дека со огласот се предвидени и вработување на лица за новиот контролен пункт кај Неготино, кој мора да биде отворен за да може да се пушти во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица.
„Дел од луѓето ни заминуваат во пензија, има нови вработувања за новиот контролен пункт, а планираме и да ги прошириме патарините за да има побрз проток на сообраќај“, вели Китанов.
Е. БОЧВАРОСКА