КУЛТУРАТА НЕ Е ПРИВИЛЕГИЈА, ТУКУ ЧОВЕЧКО ПРАВО, КАЖА ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ЗА ПРОЕКТОТ „УМЕТНОСТ ЗА СИТЕ“

    КУЛТУРАТА НЕ Е ПРИВИЛЕГИЈА, ТУКУ ЧОВЕЧКО ПРАВО, КАЖА ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ЗА ПРОЕКТОТ „УМЕТНОСТ ЗА СИТЕ“Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, директорката на НГМ Дита Старова- Ќерими и холандскиот амбасадор во Македонија, Ваутер Пломп денес го претставија ликовно-едукативниот проект „Уметнсот за сите“ (Фото: М.Златевска)

    Холандскиот амбасадор во Македонија Ваутер Пломп и директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова- Ќерими денес го претставија ликовно- едукативниот проект „Уметност за сите“, наменет за децата со аутизам, оштетен говор, слух и вид, од најрана училишна возраст до завршување на средното образование.

    Целта на проектот кој ќе трае до крај на 2019 година, како што рече директорката, е социјална и општествена инклузија на лицата со попреченост преку културата и уметноста.

    „Во рамките на нашата програма често зборуваме за општествена трансформација и владеењето на правото. Не смееме да заборавиме дека има една суштинска работа, под и над сите овие големи зборови, а тоа е поголема добробит на граѓаните.

    Општествена трансформација значи да имаме општество кое ќе биде фер и кое ќе нуди подеднакви шанси за сите свои граѓани. А институциите на државата се оние кои треба тоа да го овозможат тоа да се случи.

    Културата секогаш била еден од најважните алатки за демократизација на општеството. Должност е на културните институции да се отворат и да подадат рака вон своите вообичаени кругови, да создадат публика, особено кај младите генерации.

    Изложеноста на уметноста и на културата не е привилегија само за некои, туку се работи за многу клучно човеково право, отворање и прозорец кон збогатување на животот на луѓето, патека кон поквалитетно живеење и најважно, средство за поврзување со другите“, изјави холандскиот амбасадор.

    Според координаторката на проектот, Маја Димитрова, проектот е поделен во четири целини од по 3 месеци, и ќе има работилници, дебати и организирани посети, каде децата ќе можат да работат со глина, фотографија, инсталација во простор и со акрил на платно.

    „Докажано е дека терапијата со уметност многу помага особено кај популацијата со аутизам. Инклузијата како процес можеби доцни во Македонија за разлика од земјите од ЕУ, но со овој проект ќе покажеме дека можеме да се носиме рамо со рамо со европските земји“, рече професорот од Филозофскиот факултет, Владимир Трајковски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира