ОД СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ПЛАНИРАМЕ БУЏЕТ ЗА ТРИ ГОДИНИ, КАЖА ТЕВДОВСКИ НА ЕКОНОМСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ВИЕНА

    ОД СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ПЛАНИРАМЕ БУЏЕТ ЗА ТРИ ГОДИНИ, КАЖА ТЕВДОВСКИ НА ЕКОНОМСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ВИЕНА„Од 2019 година сакаме да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години“, кажа министерот за финансии Драган Тевдовски на економската конференција во Виена

    Следната година Македонија ќе почне со реализација на план за среднорочно тригодишно буџетирање, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа „Jуромани“, која се одржува 23 година по ред во Виена.

    „Од 2019 година сакаме да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години. Заедно со Меѓународниот монетарен фонд ќе работиме на имплементирање на фискалните правила, на механизми со кои ефикасно ќе го контролираме нивото на јавниот долг. Ќе го промениме начинот на планирање и ќе се подобри таргетирањето особено кај социјалните надоместоци и земјоделските субвенции, со што ќе се подобри нивната ефективност“, кажа Тевдовски.

    Тевдовски рече дека веќе презеле чекори за намалување на буџетскиот дефици од 2,9 на 2,7 отсто од БДП, а дека планот е до 2020 година дефицитот да се сведе на 2 отсто.

    „Политичката криза е зад нас, очекувањата се дека земјата ќе направи чекор напред во однос на членството во НАТО, како и дека ќе ги почнеме преговорите за членство со ЕУ. Ова ќе придонесе за поинтензивен и одржлив економски раст во Македонија“, рече Тевдовски во обраќањето на економската конференција во Виена.

    На конференцијата во Виена присуствуваат над 1.100 учесници, министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира