Почесниот конзул на Финска во Македонија Светозар Јаневски беше одликуван со финскиот орден „Витез од прва класа на редот на финскиот лав“ за неговите досегашни залагања и придонес за соработката и пријателството меѓу двете земји.
Одликувањето на Јаневски со орденот што го доделува претседателот на Финска беше извршено од страна на финскиот амбасадор за Македонија Перти Иконен на пригодна церемонија во неговата резиденција во Белград.
„Да се биде дел од редот на финскиот лав за мене претставува голема чест, затоа што доаѓа од земја која докажала дека знае да ги препознае и соодветно да ги вреднува вистинските вредности. Би сакал да ја споделам заслугата за добивањето на овој орден со оние што постојано се со мене и ми даваат огромна поддршка во сè што работам, а тоа е моето семејство, како и моите соработници. Ова признание претставува најдобра верификација за нашите напори, како и дополнителен поттик во изнаоѓање начини како да ги приближиме двете земји, Македонија и Финска, да научиме нешто повеќе едни за други и да најдеме можности за соработка во сите општествени области“, кажа на церемонијата Јаневски.
Одликувањата од редот на финскиот лав се востановени во 1942 година. Тие се еден од трите видови одликувања што ги доделува претседателот на Финска. Ордените од редот на финскиот лав се доделуват за воени и граѓански заслуги на истакнати личности за нивните исклучителни достигнувања. Ваквото високо одликување многу ретко се доделува на личности надвор од Финска.