15-ГОДИШНО МОМЧЕ ПОЧИНА ОД НЕВООБИЧАЕНА РЕАКЦИЈА НА АНЕСТЕЗИЈА НА ОПЕРАЦИЈА НА СКРШЕНО КОЛЕНО

    15-ГОДИШНО МОМЧЕ ПОЧИНА ОД НЕВООБИЧАЕНА РЕАКЦИЈА НА АНЕСТЕЗИЈА НА ОПЕРАЦИЈА НА СКРШЕНО КОЛЕНОВо историјата на Клииниката во Скопје ваков случај досега не е забележан, тврдат од Клиничкиот центар -.ргентниот центар на скопските клиники (Фото: СДК.МК)

    Петнаесетгодишно момче од Скопје вчера ноќта починало во операциона сала на Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во Скопје, при рутинска операција на скршеница на ногата.

    Детето вчера вечер било примено во Ургентен центар на скопските клиники, со скршеница на коленото и било хоспитализирано за операција. Од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) велат дека починало како резултат на негативна реакција на дел од анестетиците.

    „Детето ноќеска е оперирано и за жал почина во операциона сала. Се сомневаме дека станува збор за малигна хипертермија, но тоа сѐ уште го испитуваме. Станува збор за ретка генетска мутација, при која има патолошки одговор на клеточно ниво на анестетици. Во ваков случај практично анестетиците штетно делуваат на самите клетки и доаѓа до ненормален одговор на организмот на анестетикот. Причината не е до самиот анестетик, бидејќи тие анестетици со години ги користиме, ниту пак станува збор за алергиска реакција. Самата генетска мутација влијае анестетикот да влијае штетно на целиот организам, со зафаќање на белите дробови, срцето, црниот дроб. Во случајов најголема реакција имало кај белите дробови“, вели д-р Маја Мојсова, управителка на КАРИЛ.

    Внатрешна комисија на Клиниката ТОАРИЛУЦ го иситува случајот. Направена е судско-медицинска обдукција.

    Д-р Мојсова објаснува дека во случај кога пациент ќе почине во рок од 24 часа по приемот во болница, особено кога причината е непозната, задолжително се прави обдукција.

    „Обдукцијата не може да потврди дали станува збор за оваа генетска мутација, и во текот на наредните денови ќе добиеме информација дали тука може да се направи ова испитување или ќе треба да се прати во референтна лабораторија надвор од државата. Во историјата на нашата Клииника ваков случај досега не е забележан“, вели д-р Мојсова.

    Таа упати сочувство до семејството и кажа дека комисијата која го испитува случајот по утрешниот состанок ќе има повеќе информации.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира