ПО СМРТТА НА 15-ГОДИШНОТО МОМЧЕ КАРИЛ ЌЕ ПОДНЕСЕ ПРИЈАВА ЗА НЕСАКАН ЕФЕКТ ОД АНЕСТЕТИК ДО АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ

    ПО СМРТТА НА 15-ГОДИШНОТО МОМЧЕ КАРИЛ ЌЕ ПОДНЕСЕ ПРИЈАВА ЗА НЕСАКАН ЕФЕКТ ОД АНЕСТЕТИК ДО АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИВнатрешната комисија на ТОАРИЛУЦ не утврдила човечка грешка. - Дворот на Клинички центар (Фото: СДК.МК)

    Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, ќе го пријави во Агенцијата за лекови несаканиот ефект од анестетикот по случајот во кој 15-годишно момче почина во операциона сала. Д-р Маја Мојсовска, директор на КАРИЛ, вели дека иако причина за смртта на момчето не е самиот анестетик, туку ретката генетска мутација малигна хипертермија, поради што анестетикот штетно влијае на клетките на организмот и предизвикало брзо и бурно пропаѓање на повеќе органи, сепак случајот мора да го пријават во Агенцијата за лекови.

    „Законски мора да го пријавиме како несакан ефект од анестезијата. Внатрешната комисија на Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар во случајов не утврди лекарска грешка, односно за време на операцијата почитувани се и оперативните и анестезиолошките протоколи“, вели д-р Мојсова.

    Момчето пред три дена вечерта било донесено во Ургентниот центар на скопските клиники со скршеница на коленото. Го задржале во болница и веднаш е оперирано. Според лекарите од КАРИЛ тоа починало во текот на операцијата, кога се случил патолошки одговор на организмот на анестетикот кој се вдишува.

    Д-р Мојсова вели дека Клиниката ќе побара од Министерството за здравство да набави лек, со кој може во вакви случаи да се помогне на пациентот.

    „Се работи за стар лек, кој според литературата може да помогне. Тоа не е магичен лек и да спаси некого од ваква состојба, но ако реакциите не се толку силни како во овој случај може да делува. Овој лек досега не е набавен на хирургија, а воопшто не е регистриран во Македонија. Досега и не сме сретнале ваква патолошка реакција на анестетик, предизвикана од оваа генетска мутација и веројатно затоа и не е набавен лекот“, вели д-р Мојсова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира