Сите народи имаат идентитет и ниеден народ не може да лиши друг народ од неговиот идентитет, рекол портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос во интервју за државната телевзија ЕРТ, пренесе дописникот на државнат агенцијата МИА од Атина.
По инсистирањето на новинарот дали станува збор за Македонци, портпаролот Ѕанакопулос објаснил дека во соседната земја постојат различни етнички групи.
„Тие сметаат дека нивниот национален идентитет е тој што е. Но, исто така да ве потсетам дека во ПЈРМ постојат комплетно различни етнички групи, постојат Албанци, постојат луѓе кои се самоопределуваат како Славомакедонци, постојат Грци, постојат, ако не грешам и Бугари, рекол Димитрис Ѕанакопулос“, во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ.
Ѕанакопулос го повторил ставот на Атина дека бара сложено ерга омнес име, што значи име и за внатрешна и за надворешна употреба, нешто што „ако се толкува, води до заклучокот дека не може да постои договор, без промена на уставното име, а за да има промена на уставното име потребна е уставна ревизија.
Според него, имало две причини зошто Грција смета дека треба да се реши проблемот со името. Првата е дека нема причина во веќе дестабилизиран регион како што е Балканот, Атина да придонесе за дополнителна дестабилизација, додека пак втората причина е фактот што Македонија веќе ја имаат признаено над 100 земји под уставното име и има опасност во иднина ова име да го прифатат и Обединетите Нации.
Портпаролот Ѕанакопулос рекол дека врз основа на меѓународните договори, географската област Македонија не ѝприпаѓа исклучиво на Грција, туку и на ПЈРМ и на други држави, и таа реалност не може да не ја земе предвид грчката надворешна политика во преговорите.