1. Треба да се најде разбирање за новата влада. Бранко си го измачи умот во потрага кого се уште не вратил на власт од пред четири години. Така истрошен нема сили да му се посвети на проблемот со штрајкувачите. Плус, сериозно решил да штеди, па не пушта ниту еден министер да се одвезе до Каменица да ги види рударите што умираат во јамите. Поевтино му е да испраќа партиски пораки дека ќе им дадат пари за една плата. Кој бил партискиот курир што бил задолжен за тој дел од Македонија не беше јавено. Ниту што содржела пораката. Мора да било нешто многу тајно штом ниту еден од преговарачите, Црвенковски, Гошев, Филиповски и Манасиевски не се појавија пред новинарите да кажат нешто. Избегаа преку некоја задна врата.
Дополнителен мотив за разбирање е и тоа што штрајкот на рударите се поклопи со објавувањето на имотните листи на министрите. Народот сепак ќе најде оправдување за нив, оти ете и тие си имаат свои проблеми. Како може на пример министерот за финансии Петар Гошев да се сеќава на штрајкот на рударите непосредно пред изборите, кога нему умот му лета како да врати 30 илјади евра долг, а за киријата за деловниот простор што го издава добива само по 2 илјади евра.
Не е само неговата состојба неиздржлива. Еве и министерот за економија Илија Филиповски секое утро се буди со страшна дилема. Со кој од четирите автомобили да тргне на работа. И кога ќе те измачи таква страшна мисла, ти веќе немаш ни физички ни интелектуален капацитет да размислуваш за некои рудари што умираат од глад во источна Македонија. Затоа, ќе мора да се релаксира. На рударите ќе мисли кога ќе се вози со глисерот.
2. Ми се чини дека СДСМ и ЛДП се уште ја слават победата на изборите. Занесени од славата изгледа дека заборавија во која земја живееја пред 15 септември. Па сега ова што им се случува со рударите во “Саса” им доаѓа како нешто ново, непознато. И за да им биде се познато, сите си се враќаат на старите места. Како да сме се разбудиле по четиригодишен сон. Со истите луѓе и со старите приказни за Македонија која чука на рајските порти на ЕУ и НАТО.
А Македонија не е рајска градина.
Македонија е големо рударско окно.
3. Додека Црвенковски и неговите министри ја бараа задната врата за да избегаат од новинарите, претседателот на државата Трајковски во Прага ја бараше големата врата за да не примат во НАТО. Бидејќи пред вратата можеме да поминеме или како портири, или не дај боже, чергиче на прагот за бришење на чевлите, Трајковски за да ни го дигне моралот, ни порача: “Македонија на крајот ќе се приклучи на Северноатлантското семејство, а целта на нејзините лидери е да ја однесат таму што поскоро”.
На кој крај? На крајот на светот?
Со оглед на тоа што лидерите работат таму да ја однесат што поскоро, значи многу скоро ќе го видиме крајот.
4. Како може некој да помисли дека Трајковски си ја прислушкувал љубовницата. Нема логика. Покрај толку планови што напиша и разни иницијативи што смисли, каде ли нашол време за љубовница, а не пак уште и дополнително време да и ги преслушува прислушкуваните разговори.
Гледате како нашиот Борис и за самитот во Прага напишал “нон-пејпер”. Тој никаде не оди без план. Само што овој пат, планот на претседателот го прифатиле и претседателите на Албанија и на Хрватска Алфред Мојсиу и Стипе Месиќ. Дали ќе поминат како нас, ќе видиме. Важно, поминале кај Џорџ Буш. Тој со нив се сретнал кусо. Им рекол:”Нон – пејпер” – напред, останати – стој!” И сите застанале. Да се сликаат.
5. Ситуација на границата кон Косово е стабилна. Така беше официјално јавено. АРМ и МВР имаат контрола. Уредно се најавуваат пред да влезат во Танушевци. И таму имаат право да се задржат цели 15 минути.
Замислете да не може ни да се најават.
6. Објавено е дека покрај поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и други функционери на ВМРО-ДПМНЕ, не само министри, туку и пратеници и градоначалници имале лично обезбедување.
Новата власт не смее да им го скрати тоа задоволство. Многу сакаат да бидат чувани.
Најмногу чувари би имале во “Идризово”.