1. На индонезискиот туристички остров пред два месеца експлодира автомобил – бомба пред дискотека и загинаа двесте луѓе. Во Куманово бомба не експлодира пред дискотека, туку пред школо. Во гимназијата на час биле петстотини деца. Колку ли гимназијалци ќе загинеле ако ѕвончето зазвонело две минути порано.
Цел свет го осуди нападот на Бали како облик на најцрн тероризам.
Што е разликата меѓу Бали и Куманово? Две минути.
2. Во Македонија само последнава година имало стотина експлозии на бомби среде град. И ниеден случај до сега не е решен. Единствено имаме нагаѓања, те биле политички игри, те била АНА, те УЧК се враќа, те биле муџахедини, те лудаци, па еве сега и ВМРО-ДПМНЕ и ДПА се фалат дека ќе се радикализираат. Весниците ќе ги пренесат шпекулациите и – толку. Резултатите се бомби пред школо. Што ќе биде следно? Градинка!? Овој пат поминавме со една жртва. Следниот пат да се подготвиме за броење!?
А МВР апелира до граѓаните да се воздржат од пукање петарди. Веројатно за бомбите подобро да се слушнат.
3. Љубчо Георгиевски во интервјуто за “Фокус” ни порачува дека “не би се изненадил дури и комити да се појават во планините”! Тој не знае дали ќе има граѓанска војна меѓу Македонците, но мисли дека “нема да биде симпатично да се живее во Македонија”. И порачува дека “борбата за демократија може да се одвива на повеќе начини”.
Кога последен пат во Македонија било симпатично да се живее? Зарем веќе не им здодеа да не плашат со војна. Во Македонија се е можно, како што вика Љубчо, ама и се е видено. И опсада на градови, и убиства и бомби, и масакри на полицајци и атентат врз претседателот… Овој краде, овој лаже, овој убива, овој апси, овој знаел ама не кажал и сите се непознати сторител.
Е, па ај тогаш ако веќе мора да ги видиме и тоа комитите. По сето тоа може малку и ќе не има за да проживееме.
4. Никола Поповски одвај дочека да биде на позиција за да може често да дава изјави и да оценува. Во едно ТВ интервју тој оцени дека откако е оваа влада на власт, корупцијата била уништена. Имало некои ситни случаи, ама тоа не било корупција. Значи, нема корупција, ама има мито.
Спикерот Поповски се пофали и дека оваа власт успешно го решила случајот со училиштето во Шемшово. Македонците сега одат на школо, ама во друго село. СДСМ, за разлика од ВМРОИ-ДПМНЕ не ги решава работите со револуција. Тие се потпираат на еволуција. Оставаат работите сами од себе да се средат. Ем школото остана да се вика Јумни Јонузи, ем бистата си стои, ем Македонците ќе се селат.
5. Мислам дека откако и Романците се направија Европјани и воведоа визи за македонските граѓани, тука станува многу несимпатично за живеење. Особено што нашата влада реципроцитетно воведе визи и за Романците. Толку убави Романки имаше во ноќниот клуб “Плејбој”, така што сега кога ќе си одат за празниците дома користејќи ги последните безвизни денови, ќе останеме без квалитетни танчерки за на шипка.
Тажна е нашата судбина. Ем Романците станаа Европска унија, ем цената на Украинките и Бугарките ќе порасне. Барем додека и тие не воведат визи.
6. Претседателот и Владата се кооперативни со Американците. Тие уште не ни побараа, ама ние им го дадовме воздушниот простор кога нивните авиони ќе го напаѓаат Ирак.
Ние сме важна алка во одбраната на САД. Да не беше нашиот воздушен простор, како Американците ќе го нападнеа Ирак.
7. Сите претседатели пред Нова година се обраќаат на нацијата, па и нашиот. Очекуваме после обраќањето портпаролот Борјан Јовановски да се појави на говорницата на која пишува “Претседател на Р. Македонија” и да ни раскаже што кажал Борис Трајковски.
И, како во цртаните филмови, кога Борјан ќе се симне од говорницата, ќе се појави спикерот од вестите на државната телевизија и ќе каже: “Го слушавте обраќањето на претседателот Трајковски. Гласот му го позајми Борјан Јовановски”.
8. Градоначалничката на Центар Виолета Аларова, ги чести скопјани со теписи по улицата “Македонија”. Се гледа – домаќинка жена. И луѓево одат, одат по калта и кога ќе дојдат до тепихот, го заобиколуваат. Не си понеле влечки. Не е научен Македонецот да гази со чевли по тепих.
Атмосферата дополнително ја збогатуваат бројни дедомразовци. Околу нив се и питачите. Ги влечат за ракав и им велат: “Дедо мраз, дај нешто и за нас”. А Дедо мраз им одговара: “Бегај бе!”
Во Македонија ни Дедо мраз не е Дедо мраз.