ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО ЈА ОДНЕСЕ КРАЈБРЕЖНАТА ПАТЕКА ВРЕДНА 800 ИЛЈАДИ ЕВРА, НЕМА ОДГОВОРНОСТ ЗА ЛОШАТА ИЗВЕДБА

    ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО ЈА ОДНЕСЕ КРАЈБРЕЖНАТА ПАТЕКА ВРЕДНА 800 ИЛЈАДИ ЕВРА, НЕМА ОДГОВОРНОСТ ЗА ЛОШАТА ИЗВЕДБАНикој не проектирал дека со доаѓањето на водата, патеката може да се уништи и зошто таа е поставена каде своевремено си беше Езерото; - Патеката долга 2,5 километри и широка 5 метри или е под вода или без бекатон плочки кои се однесени од брановите на Езерото, уништени се и канделабрите кои ја осветлуваа (Фото: СДК.МК)

    Речиси 60 отсто од пешачко-велосипедската патека покрај Дојранското крајбрежје од пазарот до плажата Мрдаја е уништена. Патеката или е под вода или без бекатон плочки кои се однесени од брановите на Езерото. Уништени се и канделабрите кои ја осветлуваа патеката долга 2,5 километри и широка 5 метри. Станува збор за патека која пред 6 години беше изградена со средства од Министерството за транспорт и врски. Градоначалникот  Анго Ангов потврди дека патеката е во очајна состојба поради надојдената вода, но и лошо изведените градежни работи од изведувачот и најави итна санација.

    „Патеката е во лоша ситуација поради надојдената вода, но и поради лошата изработка. Во овој момент ќе пристапиме на санирање на еден дел од патеката за да ја ставиме повторно во функција во интерес на посетителите и оние што сакаат да се рекреираат покрај Езерото. Дел од оваа патека имаме намера во наредниот период да ја остраниме заради отварање нови плажи’’, вели Ангов.

    Деновиве кај плажата на ЕЛЕМ се појави пена во езерските води што го крена алармот на жителите, но од Општината тврдат дека станува збор за природен процес на чистење на Езерото (Фото: СДК.МК)

    За патеката која почна да се работи во октомври 2010, а беше изградена во 2012, од Министерството за транспорт и врски беа потрошени 800 илјади евра. Оваа патека, според општинските власти, ја градеше фирмата „ВИА“ од Вевчани, а надзорот за квалитетот на изработката го имаше „СМ Компани“ од Св. Николе.

    Граѓаните кои рекреираат покрај дојранското крајбрежје велат дека веднаш треба да се превземат итни мерки за санација, но и дислокација на патеката. Дел од нив дури сметаат дека на овој потег кон Мрдаја патеката треба да се отстрани, за да може Езерото природно да се проширува и да се градат плажи, а не тие да бидат на платформи во Езерото.

    „Никој не може да се спротистави на природата. Патеката се распаѓа од водата, брановите но дефинитивно и од слабиот квалитет на изведбените работи. Никој не проектирал дека со доаѓањето на водата патеката може да се уништи и зошто таа е поставена каде своевремено си беше Езерото. Кај може да се санира нека се санира, но добар дел треба да се отстрани за да може овде се прават плажи, бидејќи на овој потег и ги нема’’ , коментираат рекреативците кои се ужаснуваат од уништените делови на патеката.

    Деновиве токму на овој дел од патеката, конкретно кај плажата на ЕЛЕМ, се појави пена во езерските води што го крена алармот на жителите од ова туристичко место. Граѓаните реагираа и се сомневаа дека во водите се фрлени детергенти кои предизвикуваат пена. Сепак, од Општината смируваат и тврдат дека станува збор за природен процес на чистење на Езерото.

    „Ова е вообичаен процес кој се појавува во зимскиот период во Езерото. Направивме увид и контрола и констатиравме дека станува збор за природен процес на чистење на Езерото, но поради изградената патека пена се задржува повеќе денови на крајбрежјето. Нема простор за паника“ , вели градоначалникот Ангов.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира