Кабинетот на премиерот Зоран Заев соопшти дека новинската агенција „Ројтерс“ погрешно ја интерпретирала изјавата на Заев во денешното интервју во делот „Македонија предложила четири опции за решавање на децениското недоразбирање со Грција за името“. Од Кабинетот на Заев велат дека тоа се предлози на медијаторот Метју Нимиц.
„Укажуваме и на погрешната интерпретација во воведот на веста на агенцијата за интервјуто со премиерот Заев во која се наведува дека ’Македонија предложила четири опции за решавање на децениското недоразбирање со Грција за името‘. Јавноста во Македонија, и во светот, знае дека тоа се предлози на медијаторот Метју Нимиц, кој во име на Обединетите Нации, посредува во разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција“, се вели во соопштението.
Во интервјуто, Заев ги кажа предлозите: Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје).
„Тие предлози постојат, како што изјавил премиерот Заев, но тие не се предложени од страна на Република Македонија“, додаваат од премиерскиот кабинет.
Во соопштението се вели и дека Заев во интервјуто не кажал дека „Република Македонија е подготвена да направи мали промени со името во уставот“, туку кажал дека „Република Македонија е подготвена да направи промена во врска со името, но не може да се оди предалеку, бидејќи тоа е многу тешко прашање“.