Полицајката Јасмина Јаначкова, која беше агресивно вербално нападната од Беќир Асани, висок функционер во ДУИ, денеска даде исказ во Скопското обвинителство.
Таа рече дека не сака да даде изјава пред новинарите и по околу еден час разговор кај обвинителот, си замина.
Асани ја нападнал Јаначкова на 1 март, кога таа најпрофесионално му пишувала пријава за погрешно паркирање, по што повикала пајак-служба да му го крене возилото. По нападот, таа побарала медицински преглед, а МВР соопшти дека не е повредена.
Инцидентот се случил во претпладневните часови на крстосницата меѓу булеварот Гоце Делчев и улицата Филип Втори во Скопје, при што на местото на настанот биле повикани и други полициски службеници.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја прими на разговор нападнатата полицајка. Но, во соопштението, МВР рече дека таа сама се удрила во пајакот и оти Асани само вербално ѝ се нафрлил.
Обвинителството го испитува случајот.
С. К. ДЕЛЕВСКА