БРАНИТЕ ЛИПКОВО И ГЛАЖЊА ПРЕПОЛНИ, НО НЕМА ОПАСНОСТ ОД ПОПЛАВИ, ВЕЛАТ НАДЛЕЖНИТЕ

    БРАНИТЕ ЛИПКОВО И ГЛАЖЊА ПРЕПОЛНИ, НО НЕМА ОПАСНОСТ ОД ПОПЛАВИ, ВЕЛАТ НАДЛЕЖНИТЕМоментална состојба на браните е под контрола, велат од ЈП „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“

    Акумулационите езера Липково и Глажња, од кадешто Куманово се снабдува со вода за пиење, се преполни со вода, која се прелева преку браните.

    Од ЈП „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“ потврдуваат дека по обилните дождови и топењето на снегот вчера двете брани се наполниле и водата тече преку нив, но се слева во речното корито на Липковка, па нема опасност од излевање и поплавување од поголеми размери.

    „Ние веќе десет дена испуштаме вода по цевководот, а ќе продолжиме и во наредниот период, сѐ до намалувањето на нивото на Глажња од еден метар, за да може да се апсорбира водата во реката во случај на обилни дождови. Моментална состојба на браните е под контрола. Има прелив на браната Липково од десет сантиметри. Ова количество на вода речното корито на Липковка може да го собере. Утре се очекува преливот да се намали“, изјави Оливер Илиевски, директор на ЈП „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“.

    Наспроти ова од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) велат дека водостојот на реките во кумановско е зголемен и постои опасност од поплави. Додаваат дека двете брани се преполни и прелеваат на прстените, а снегот на планините сè уште се топи и водата мора да се испушта во поголеми количини. „Постои опасност од излевање на реките во Општина Липково и на одредени места во Општина Куманово, бидејќи водата од браните не е испуштена навреме“, – изјави Горан Стојановски од РЦУК. Реката Кумановка синоќа во селото Добрешане достигнала височина од 110 сантиметри, а зголемен е водостојот и на останатите реки во Кумановско и Липковско.

    Со оглед дека врнежите продолжија и во текот на ноќта и утринава, се очекува дека ќе се зголеми водостојот и во останатите реки Којнарка, Пчиња и други.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира