Велика Британија и Македонија воспоставија дипломатски односи во 1993 година. По повод 25-годишнината, британскиот амбасадор во Скопје Чарлс Гарет направи интервју со главниот уредник на САКАМДАКАЖАМ.МК Горан Михајловски за неговите сеќавања за почетоците на билатералните односи меѓу двете земји.
Интервјуто оригинално е објавено на официјалниот блог на Форин офисот.
UK pulled Macedonia out of Brussels’ hostage and moved it to New York
Горан Михајловски е еден од неколкумина новинари кои одблиску ги покривале настаните во раните 1990-ти кога Британија и Македонија воспоставувале дипломатски односи. По повод 25 години билатерални односи Британија – Македонија го прашавме Горан да се потсети на тие денови.
Амб Гарет: Какво ти е сеќавањето за воспоставувањето на билатералните односи меѓу Британија и Македонија?
Михајловски: Во декември 1993 година бев новинар во политичката рубрика на весникот „Вечер“. Но, почетоците на билатералните односи помеѓу Британија и Македонија ги паметам една година пред официјалниот почеток затоа што Британија беше длабоко вклучена во решавањето на кризата по распадот на тогашната Југославија.
Британија одигра клучна улога во префрлувањето на проблемот со признавањето на Македонија од тогашната Европска заедница во Обединетите нации. Во јуни 1992 година Португалија беше претседавач на Европската заедница. Тогаш беше донесе таканаречената Лисабонска декларација во која стоеше дека 12-те земји членки на ЕЗ нема да ја признаат Македонија како независна држава ако во нејзиното име го има зборот „Македонија“. За среќа, претседавањето со Европската заедница во јули го презеде Британија. Кон крајот на август се одржа Лондонската конференција за Југославија, каде под претседателство на премиерот Џон Мејџор, покрај војната што веќе беснееше во Хрватска и Босна и Херцеговина, срамежливо се отвори и македонското прашање. Британија тогаш го постави амбасадорот Робин О Нил за претставник задолжен за Македонија. Тој работеше многу напорно и британската дипломатија успеа на Самитот на ЕЗ во Единбург во декември 1992 година да ја поништи Лисабонската декларација и прашањето за признавањето на Македонија да го пресели во Њујорк, во ОН. Се сеќавам дека неколку дена пред Самитот правев интервју со амбасадорот О Нил во канцеларија на Форин офисот каде што тој ме пречека со мало знаменце на Македонија (тогашното со шеснаесеткракото сонце) и отворено зборуваше повторувајќи го зборот Македонија намерно. Тоа го забележав во интервјуто за „Вечер“. Потоа бев во Единбург каде што нам Македонците малку ни олесна, оти некако Британија успеа да не протне кон ОН, да не го држи спорот заглавен во Европската заедница. Тоа беше одличен потег кој доведе до приемот на Македонија во ОН само четири месеци подоцна во април 1993 година.
Амб Гарет: Што сметаш дека беа предизвиците за Македонија тогаш? И како се променија оттогаш?
Михајловски: Се сеќавам дека правев интервју со првиот амбасадор на Обединето Kралство, Тони Милсон во старите простории на амбасадата во центарот на Скопје. Бевте во иста зграда со амбасадата на Германија. Но, во моментот кога го видов грбот на Обединетото Kралство во центарот на Скопје и знамето, плочката со кралскиот грб на влезот од зградата знаев дека ќе не биде. Штом една земја од Европската заедница која е постојан член на Советот за безбедност отвара амбасада тука, тоа значи дека тие се решени да останат.
Предизвиците беа огромни. Ние бевме држава која беше блокирана од Грција. Имаше блокада на јужната граница и ембарго кон Србија поради санкциите предизвикани од улогата на Милошевиќ во војните во Хрватска и Босна и Херцеговина. Без пруга кон Бугарија и Албанија. Редици за бензин. Во исто време и голем ентузијазам, голем патриотизам, воведување сопствена валута, нови пасоши, први фудбалски натпревари на националниот тим…
Се сеќавам дека кога слетав на Гетвик со новиот македонски пасош, се собраа неколку имиграциски службеници да го разгледуваат како да е светско чудо. Имав среќа дека бев со новинарска акредитација па немав проблем да влезам во земјата. Мислам дека печатот ми го удрија на лист хартија, а после до признавањето и визите се издаваа на хартија. На сите тие моменти се сеќавам со радост и возбуда и ден денеска оти ете и јас сум бил дел од историјата.
А каде сме сега? Уште сме далеку од тоа што би сакал да бидеме.
Амб Гарет: Дипломатите знаат да ги преувеличаат билатералните односи. Што ти како отворен, чесен, транспарентен набљудувач, гледаш во односите меѓу Британија и Македонија? Кои се вистинските придобивки за секоја од страните?
Михајловски: Не знам дали Обединетото Кралство има некаков бенефит од нас. Но ние сигурно имаме. Големо е богатството да имаш пријател што е докажана светска велесила, земја од која сме учеле за демократски вредности, земја на која и се слуша гласот насекаде. Понекогаш сме биле сомничави затоа што историјата не учела за некакви специјални историски врски помеѓу Британија и Грција, но кога станува збор за политичкиот став на официјален Лондон со вас нема зафрканција. Нема подмолни игри, нема недокажани работи, нема изненадувања. Сме научиле дека кога Лондон нешто ќе реши – тоа е завршено. Британија е многу консеквентна почитувајќи ги своите одлуки. Од Единбург 1992 па до денеска.
Да не зборувам за финансиската помош што Британија ја давала овие 25 години. Тие бројки сигурно се фасцинантни и вие ги знаете многу подобро од мене. Обединетото Кралство е еден од најголемите донатори на Македонија.
Амб Гарет: Имаш ли некое лично искуство со Британија да ни споделиш?
Михајловски: Летото 1987 година поминав три месеци во Лондон. Бев студент, тогаш беше многу трендовски да се оди во Лондон, со југословенскиот пасош не ни требаа визи. Божем да учиме англиски јазик, ама работевме по хотели, ресторани, теретани, бутици… Јас сакав да бидам портир, да ги носам куферите на гостите оти така се заработуваше многу бакшиш, ама бидејќи сум ситен, ми понудија да работам како градинар во еден хотел во Падингтон. Можете да замислите? Немав поим ни од градинарство, ни од градинарскиот англиски речник, ама се снајдов. И убаво се забавував во тоа космополитско опкружување, оти јас по природа сум слободоумен и љубопитен. Газда на хотелот беше кипарски Грк, газдарицата Италијанка, менаџерот Англичанец, а персоналот беше од Шпанија и од Финска. Сите божем учевме јазик. Тоа лето бев на концерти на Вембли на Мадона и на Дејвид Боуви. Ќе умрев од радост дека сум дел од светот.
Потоа, како успешен градинар ме префрлија во поскап хотел во северен Лондон, во Свис Котиџ, таму добро заработував. Ама многу ме нервираше метрото. Ме фаќаше носталгија кога ќе ми текнеше на моето „фиќо“ во Скопје, каков шизик сум на факултет, а таму чекав по подземјето – „следниот воз за толку минути, следниот за толку минути…“ И со парите што ги заработив, со моите шпански пријатели си купив авионска карта за Ибица. Британците тогаш ја откриваа Ибица како рај за забава… Британија беше мој отворен прозорец кон светот. Сѐ потрошив. Се вратив во Лондон без ниту една фунта, некои македонски пријатели ме прибраа на три дена во Стоквел додека го чекав повратниот лет на ЈАТ за Белград за кој однапред ми беше купена картата.
Многу ми е криво дека за Британија ни требаат визи, плус многу сложена е процедурата за вадење. Инаку би одел почесто за Лондон, сакам на моите деца да им ги покажам моите омилени места и земјата која мене ми ги отворила видиците.
Амб Гарет: Кои од стереотипите за Британија и Британците мислиш дека се најблиску до вистината?
Михајловски: Немам стереотипи за никого, па ни за Британците, особено што додека живеев таму видов дека немаат врска приказните дека се ладни, дека се „дигнати“, дека се фенси… Ми се допаѓа британскиот хумор. Понекогаш тој хумор е толку софистициран што имам чувство дека само Британците си го разбираат. Ама го разбираме и ние. Мојата генерација порасна со Монти Пајтон Ало, ало, Faulty towers, Only Fools and Horses…
Амб Гарет: Кој повеќе се жали за времето – Британците или Македонците?
Михајловски: Има голема разлика. Британците зборат за времето колку да се најдат во муабет. А ние се жалиме на времето. Страдаме. Сте чуле некого во Британија да го убие промаја?