РАСТЕ СТЕРИЛИТЕТОТ КАЈ МАЖИТЕ, СЕГА СЕ ИЗРАМНЕТИ СО ЖЕНИТЕ

    РАСТЕ СТЕРИЛИТЕТОТ КАЈ МАЖИТЕ, СЕГА СЕ ИЗРАМНЕТИ СО ЖЕНИТЕ„Потребно е да се направат истражувања зошто расте неплодноста кај мажите, но забележливо е дека имаме се помлади пациенти“, вели д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија.- одделот за интензивна нега на Гинекологија (Фото: М.Златевска)

    Црвената соба за донирање сперма на Клиниката за гинекологија и акушерство, која беше отворена во септември 2008 година, кога тогашниот министер за здравство Бујар Османи свечено го отвори одделот за вештачко оплодување, веќе ја нема. Со уривање на старата зграда на Гинекологија, беше урната и црвената соба. Во новата зграда на Гинекологија, како што велат од Клиниката имаат нова соба за оставање примероци за спермограм.

    Д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, вели дека оваа соба се користи и покрај тоа што низ годините се помалку ин-витро оплодувања се прават на Клиниката.

    „Се користи собата, како не, само што веќе не е црвена. Оставаат сперма и овде ги правиме спермограмите и другите испитувања. Дури мажите многу повеќе се жалат на ова испитување, кажуваат дека многу им е тешко. За разлика од нив испитувањата што ги правиме кај жените се инвазивни и понепријатни, но ете мажите повеќе се жалат“ , вели д-р Јовановска.

    Таа објаснува дека преговараат со Министерството за здравство да се зајакне тимот за ин-витро оплодувања, како и да се доекипира лабораторијата.

    „Во нашата лабораторија се прават спермограмите и сите испитувања што им се потребни на двојките за вештачко оплодување. Иако испитувањата ги прават кај нас, сепак самото оплодување го прават во приватните клиники. Кај нас одреден период ин-витро оплодувањето беше замрано, потоа пак почна да се изведува, но сепак има многу малку постапки. Во разговори сме со Министерството за здравство дел од лекарите да одат и на дополнителни обуки. Преговараме да доекипира и лабораторијата, бидејќи таа сега работи само една смена, оти биологот кој сега таму работи е пред пензија“, вели д-р Јовановска.

    Таа рече дека од досегашните испитувања за стерилитет на нивната клиника, може да се изведе заклучок дека кај 40 отсто од паровите стерилитетот е кај мажите, 40 отсто е кај жените, а во 20 отсто од случаите станува збор за стерилитет и кај мажот и кај жената. Јовановска вели дека ако порано како главна причина за неплодност кај двојките бил стерилитетот кај жената, сега жените и мажите се изедначени.

    Околу 1.000 пациенти годишно прават спермограм на Клиниката за гинекологија, а кај 63 отсто се откриваат неправилности. – Собата за донирање сперма

    „Потребно е да се направат дополнителни истражувања на што се должи тоа, односно дали на тоа влијаат нелекувани инфекции, дали тоа е резултат на животниот стил, како алкохолот и пушењето влијаат и ред други фактори. Она што е забележливо е дека сѐ повеќе млади пациенти доаѓаат да ги направат испитувањата“, вели д-р Јовановска.

    Скоро две третини од испитувањата на сперма што се правата во лабораторијата на Клиниката за гинекологија, покажуваат дека тие се под нормалните вредности. Од Клиниката за гинекологија објаснуваат дека годишно во нивната лабораторија се прават од 900 до 1.000 спермограми, обично кај мажи кои планираат ин-витро оплодување со својата партнерка.

    „Резултатите од спермограмите направени од 2013 до 2015 година покажуваат дека 63 од испитаните случаи има некаков проблем, односно спермата е под нормалните вредности. Не може да се каже дека кај сите овие станува збор за неплодност, бидејќи се прават неколку типа на испитување. Се испитува подвижноста на сперматозоидите, потоа брзината со која се движат, нивниот број и квалитет. Во зависност од наодот потоа им се дава одредена терапија или ако станува збор за неплодност се упатуваат да побараат сперма од донација за ин-витро оплодувањето“, вели Драгана Буклица портпарол на Клиниката за гинекологија.

    Вештачко оплодувањето на товар на Фондот за здравствено осигурување како мерка функционира од 2010 година. Од ФЗОМ велат дека од 2010 и до крајот на 2015 околу 6.000 двојки го искористиле правото на државна сметка да направат вештачко оплодување.

    „Од средината на ноември 2015 година осигурениците кои сакаат да остварат право на ин-витро се ослободени од партиципација од 6,000 денари најмногу до трет неуспешен обид за оплодување. Партиципацијата ја плаќа Фондот, односно во целост се покрива оваа услуга и нема трошок за нив“, велат од ФЗОМ.

    Од 2012 година ФЗОм ги укина квотите за ин-витро, односно ги одобрува барањата за вештачко оплодување откако ќе утврди дека се исполнети пропишаните медицински критериуми.

    Во првите два месеци од оваа година ФЗОМ одобрил вкупно 254 барања за ин витро постапка за прво, второ, трето и четврто дете. Лани пак вкупно 1.355 двојки добиле ваучер за ин-витро оплодување, од кои 1.172 за прво дете, 171 за второ дете, 11 за трето дете и една двојка добила ваучер за четврто дете.
    „Лани процентот на успешност од ин-витро оплодувањата беше 42, 5 отсто’, велат од ФЗОМ.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира