Самохраните родители кои имаат минимална плата или месечен приход до 200 евра ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата за детска градинка.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека го измениле Правилникот за условите, критериумите и начинот на остварување на правото на партиципација во трошоците за згрижување, воспитание, одмор и рекреација на деца во јавните установи за деца.
„Во член 3 од правилникот е предвидено дека правото на партиципација во јавна установа за деца – детска градинка се остварува за дете од семејство на самохран родител, кога еден од родителите е починат или не е познат, кога му е одземено родителското право или ако од други причини едниот родител е спречен да го врши родителското право, со плата и други месечни приходи во износ до минималната плата утврдена со закон“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Министерството ги повика самохраните родители, кои ги исполнуваат законските услови за ослободување од партиципација да поднесат барање со потребната документација до градинката во која е згрижено детето.
Правилникот е објавен денес во Службен весник и на веб страната на Министерството.