Првиот непрекинат лет меѓу Австралија и Велика Британија успешно беше реализиран денеска, откако авион на „Квантас“ утрово слета на аеродромот „Хитроу“ во Лондон.
Тој тргна од Перт и ја помина далечината од 14.498 километри за време од нешто повеќе од 17 часа. На историскиот лет имаше 200 патници и 16 члена на екипажот.
Летот го изведе авион од типот „боинг 787-9 дримлајнер“, кој може да прими двојно повеќе гориво од „боинг 747“.
Ова е дел од амбициозните планови на компанијата „Квантас“ да вклучи ултрадолги летови во својата понуда.
„Ова е нешто што сосема ги менува правилата на играта. Ова е нова ера во авионскиот сообраќај“, изјави извршниот директор на „Квантас“, Алан Џојс.
Раните летови на „Квантас“ од Австралија до Лондон, познато како кенгурска маршрута, траеле четири дена и вклучувале седум застанувања.