Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков не бил најден на адресата што ја пријавил за престој додека е во куќен притвор, откако Врховниот суд на 26 март донесе одлука да биде пуштен од притвор во истражниот затвор во Шутка, кажа претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев.
Чавков, кој е еден од 28-темина обвинети за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста во врска со нападот во Собранието на 27 април минатата година, веќе вечерта на 27 април беше вратен во притвор во Шутка со нова одлука на Основниот суд Скопје 1.
Џолев појасни дека одлуката на Врховниот суд се однесува на мерки на претпазливост во фаза на истрага, додека последната одлука на Кривичниот суд е донесена по поднесување на обвинителниот акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал.
„Судот добил известување од полициската станица „Центар“ дека на 27 март на адресата што била наведена како место на кое лицето ќе биде во куќен притвор полицијата два пати го побарала, во 18 и во 20.30 часот, и во двата наврати лицето не било најдено на адресата и никој не отворал врата. Вечерта била донесена одлука Чавков да биде вратен во притвор во Шутка и потоа бил најден на друга адреса“, кажа Џолев на денешниот брифинг со новинарите, додавајќи дека и двата суда донеле одлука да биде во притвор, едниот во куќен, другиот во затворот во Шутка.
А. АНТЕВСКА