ЗАЕВ ПОБАРА ОД НАТО ДА ГИ ВРЕДНУВА НАПОРИТЕ ШТО ГИ ПРАВИ МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО АЛИЈАНСАТА

    ЗАЕВ ПОБАРА ОД НАТО ДА ГИ ВРЕДНУВА НАПОРИТЕ ШТО ГИ ПРАВИ МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО АЛИЈАНСАТАПремиерот Зоран Заев се поздравува со капетанот Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата на НАТО во Скопје, на свечениот прием по повод Денот на НАТО - 4 Април. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев побара од НАТО да ги вреднува напорите на Македонија што ги вложува во реформите за да стане 30. полноправна членка на Алијансата.

    На вчерашниот прием по повод Денот на НАТО – 4 април, кога пред 69 години е формирана Алијансата со потпишувањето на Северноатланскиот договор во Вашингтон, Заев рече дека Република Македонија е одлучна во намерата да стане членка на НАТО.

    „Вреднувајте ги нашите напори и помогнете ни да го добиеме заслуженото место, полноправна членка на НАТО, рамо до рамо со вас и на масата на Алијансата, каде што припаѓаме, како држава и како граѓани на Република Македонија“, кажа премиерот Зоран Заев, во говорот на одбележувањето на Денот на НАТО, организиранo од канцеларијата за врски на Алијансата во Скопје.

    Премиерот Заев предупреди дека предолгото чекање пред вратите на Алијансата, се појавуваат несакани последици за сите партнери, независно дали се држави членки на НАТО или не.

    „Затоа, политиката на отворени врата на Алијансата е вистинскиот пат за консолидација на мирот и стабилноста во целиот регион. Владата на Република Македонија, е цврсто определена за ефикасни домашни реформи, за демократски вредности, за владеење на правото, за почитување на човековите права, за функционални институции во служба на граѓаните. Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наши стратешки цели и одат заедно со нашата амбиција за интеграција во НАТО и ЕУ. Градиме нов дух на инклузивни политики што водат кон решенија, а не кон проблеми“, порача Заев.

    Министерството за одбрана по повод Денот на НАТО организираше трибина „НАТО и ТИ“ на која учествуваа министрите за одбрана и за финансии Радмила Шекеринска, Драган Тевдовски, амбасадорите на САД и на Хрватска во Македонија, Џес Бејли и Данијела Баришиќ и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО капетанот Горазд Бартол.

    Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека Македонија сака и може да биде членка на Алијансата, бидејќи за тоа има консензус кај граѓаните.

    „Ако ја погледнете листата на земји со највисок квалитет на живот по различни основи, ќе видите дека од првите десет од секоја листа, осум се членки на НАТО, една е партнер на НАТО, една е опкружена со НАТО-членки“, рече Шекеринска, и додаде:

    „За Македонија, членството во НАТО ќе ја гарантира безбедноста и ќе овозможи економски раст“.

    Американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли на трибината рече дека влезот на Македонија во НАТО во споредба со минатото, сега има реална можност наскоро да се случи. Тоа, според амбасадорот Бејли, ќе помогне да се надминат внатрешните политички поделби во земјата, но ниското ниво на владеењето на правото земјата ја први ранлива за корупција, но и за внатрешни и надворешни непријатели.

    „Што значи членството во НАТО за Македонија и за нејзините граѓани? Тоа значи дека ќе бидете сојузници, а не партнери, пријател, сосед со останатите земји членки. Денеска кога се одбележуваат 69 години од потпишувањето на Вашингтонскиот договор Алијансата е сојуз што се заснова на почитување на човековите прва и слободи, демократијата и владеењето на правото“, изјави Бејли, додавајќи дека е потребно системските реформи што се воведуваат да не останат само на хартија, односно законите што се носат во Собранието понатаму практично да се имплементираат.

    Британскиот амбасадор во Скопје Чарлс Гарет, по повод Денот на НАТО, напиша на Твитер дека едвај го чекаат денот кога ќе можат да ѝ посакаат добредојде на Македонија во Алијансата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира