Премиерот Зоран Заев ја води најнеспособната, најнеработливата и најкриминална влада во македонската историја, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на денешната расправа за барањето за гласање на доверба.
„Оваа влада покажа и докажа дека нема капацитет за водење на институции и наместо да решава проблеми на граѓаните, работи исклучиво за своите партиски и лични интереси и за задржување на лабавата коалиција со ДУИ. За да останете на власт, ги поткопавте националните и државните интереси. Повеќе нема демократија во Македонија, премиерот и министрите во исто време се политичари, судии, обвинители и бизнисмени. Ги партизирате сите институции, се бркаат од работа и се деградираат неистомисленици, и професионалци. Судството е заробено, се кршат Уставот и законите, што се покажа со носењето на Законот за јазици. Дојде живот само за владините и партиските функционери на СДСМ“, рече Данев.
Координаторот Данев, ја праша владата дали фирми блиски до власта се вмешани во сериозни коруптивни скандали.
„Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев има кредитни побарувања од 25 милиони евра и за неполни три месеци негова компанија доби тендер од 3 и пол милиони евра. Дали може тука лежи прашањето зошто бизнисмени добиваат функции во владата“, праша Данев.
По воведниот говор на Данев, од власта прв зборуваше координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.
Тунтев рече поднесеното барањето за гласање на доверба од ВМРО-ДПМНЕ е најголемо разочарување, односно само начин како опозицијата да се врати во Собранието.
„Добро е да се види полно Собрание, да дебатираат власта и опозицијата. Но разочарување е поднесеното барање за гласање на доверба. Тоа е само наоѓање причина како да се врати во Собранието ВМРО-ДПМНЕ, демек на голема врата. Враќање на голема врата ќе беше да дојдоа во Собранието да разговараме за реформските закони, за да заживее планот 3-6-9“, рече Тунтев.
По дискусиите на Данев и Тунтев, претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час.
Г. ТРПЕНОСКИ