Со премиерата на македонскиот филм „Година на мајмунот“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски на 19 април ќе почне 21. издание на Скопје филм фестивал. „Година на мајмјунот“, чиј работен наслов беше „Слобода или смрт“ , е четврт долгометражен филм на Блажевски, еден од најреномираните македонски филмски автори, по наградуваниот „Панкот не е мртов“ (2011), „Булевар на револуцијата“ (1992) и „Хај- фај“ (1987).
„Година на мајмунот“ е сатирична комедија, копродукција со Косово, Србија и Словенија, а се снимаше во 2016 на околу 80 различни локации во Скопје, Битола, околината на Гостивар и Дебар. Македонски продуцент е Дарко Попов од „Панк филм“. Буџетот за филмот е 1,4 милиони евра, обезбедени од Агенцијата за филм на Македонија, Еуримаж и Кино-мрежата на Југоисточна Европа. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во големата екипа има актери од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска.
Скопскиот филмски фестивал ќе трае до 26 април, а најавени се повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и ретроспектива на Алфред Хичкок. Филмовите се распоредени во седум програми, меѓу кои се: Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Ретроспектива на Хичкок, и за првпат годинава, програмата Квир фокус.
Селектор на Програмата на авторски филм е Татјана Јаневска, Навид Сарем на Фокус на францускот филм, Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров на краток филм, а Александар Ковачевски на Квир фокус. Во програмата Македонска продукција ќе се прикажат осум македонски филмови.
Програмите ќе се одржуваат во киното Милениум, Кинотеката на Македонија и киното Фросина. Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.
Б. НЕСТОРОСКА