Десетици илјади луѓе протестираа на улиците на Будимпешта против повторниот избор на Виктор Орбан за премиер на Унгарија.
Неговите противници се собраа во главниот град за да го искажат својот револт против, како што велат, нефер изборен систем.
Овој протест уследи шест дена откако владејачката десничарска партија Фидес повторно освои двотретинско мнозинство во парламентот, што ѝ дава одврзани раце да го менува уставот.
Тој беше организиран преку групата на Фејсбук „Ние сме мнозинството“, а откако протестот се покажа успешен, најавен е нов за наредниот викенд.
Дописникот на Би-Би-Си од Будимпешта, Ник Торп, извести дека околу 100.000 луѓе присуствувале на вчерашниот протест, при што доминирале млади. Тој поминал мирно и без тензии.
Говорниците на протестот кажаа дека Орбан ги украл изборите и дека неговото владеење досега го карактеризираа корупцуја и злоупотреба на власта. Беше побарано повторно броење на гласовите и донесување нов изборен закон.
„Ние победивме, и тоа е тоа“, кратко прокоментира Орбан.