Данскиот изумител Петер Мадсен е осуден на доживотен затвор без можност за помилување за бруталното убиство на шведската новинарка Ким Вал на неговата подморница.
Обвинителите кажаа дека Мадсен планирал да ја убие 30-годишната Вал, кога таа дошла на подморницата да направи интервју со него.
Делови од нејзиното распарчено тело беа најдени во морето на 21 август минатата година, 11 дена откако за последен пат беше видена жива, вечерта на 10 август, кога заедно со Мадсен ја напуштала 40 тони тешката подморница „Наутилус“.
Нејзиното момче ја информирало полицијата наредниот ден, откако Вал не се вратила од патувањето. Во чудниот развој на настаните, Мадсен беше спасен од морето откако неговата подморница потонала и полицијата верува дека тој намерно го направил тоа, за да го прикрие убиството.
Мадсен потоа неколку пати ја менуваше приказната што се случило на подморницата, во прв момент тврдејќи дека Вал загинала во несреќен случај. Торзото на Вал беше забележано од случаен минувач на 21 август, а други делови од телото беа пронајдени од нуркачи дури на 6 октомври.