Легендарниот британски автор Кен Лоуч ја освои Златната палма за „Јас, Даниел Блејк“, на 69. Кански филмски фестивал што заврши вечерва. За Лоуч, кој лани се пензионираше, ова е втора Златна палма, по „Ветерот што го ниша јачменот“.
„Јас, Даниел Блејк“ е за двајца луѓе – една самохрана мајка на две деца и еден невработен столар кој се опоравува од срцев удар – фатени во стапицата на еден нефункционален социјален систем. Овој филм беше меѓу фаворитите за награда по канската премиера.
Гран при освои канадскиот автор Ксавие Долан за „Тоа е само крај на светот“, наградата за најдобар режисер ја поделија Французинот Оливие Асајас за „Личен купувач“ и Романецот Кристијан Мунгиу за „Матура“.
Иранскиот оскаровец Асгар Фархади со „Трговец“ освои 2 награди, за најдобро сценарио и за најдобар актер за Шахаб Хосеини.
Филипинката Жаклин Жосе освои награда за најдобра актерка во „Ма Роса“ на Бриланте Мендоза. Наградата на жирито ја доби „Американска душа“ на Андреа Арнолд.