Тошо Филиповски покрена масовна средба и дружба на македонски рокери од сите генерации, кога синоќа, на платото пред Младински културен центар во Скопје, го промовираше првиот том од својот животен труд „Македонска рок енциклопедија“.
Добар дел од присутните се пронајдоа во книгата, некои гордо покажуваа на која страница се спомнати и вака собраните биографии на помалку или повеќе познати бендови даваат еден капитален преглед на историјата на македонската рок музика во последните 55 години.
Цел живот во музиката, што професионално, што ентузијастички, Филиповски вели дека оваа идеја го водела 15-ина години, пред да почне со конкретна работа на книгата пред пет години. Финалниот производ содржи 333 бендови и околу 2.500 музичари на 500 страници од книгата, тешка 1,7 килограми.
Сепак, тој призна дека со оваа книга, неговата работа ни оддалеку не е завршена.
„Две децении се подготвував за овој момент, но сега сум толку возбуден и под трема и иако по природа сакам многу да зборувам, а и да пишувам, што се гледа по тежината на книгата од 1,7 килограми, сега навистина не знам што да кажам“, кажа Филиповски и продолжи:
„При крајот на работата на книгата, сфатив дека ова е само едно мало камче во мозаикот и дека тука има уште доста да се работи. Според некои мои истражувања и анализи, постоеле барем уште двојно повеќе бендови и автори кои вредат да бидат спомнати. За жал, овдека се само 2.500 од нив, односно 333 бендови. Има ненамерни грешки, има и такви кои за 15 години свиреле во пет различни групи и се викале меѓусебе со разни имиња и прекари, па ми требаше време да реконструирам некои личности. Беше напорно, но беше слатко да се работи ова. Многу го почитувам она што сте го работеле и некаде до крајот на наредната година, ветувам, ќе биде готов и вториот том. Може ќе одам и до два килограми. Има уште многу материјал и уште не сум ископал сѐ, па музичари и бендови слободно нека ме контактираат“, кажа Филиповски.
Г. КОНЕВ