Обвинетиот Драган Павловиќ – Латас побара да ги добие транскриптите од 40-те прислушувани разговори на Специјалното јавно обвинителство за предметот „Тотал“ за даночно затајување. На почетокот на денешното судење, адвокатите на Латас побараа да ги добијат на писмено прислушуваните разговори за да можат да ја подготват одбраната и воведните зборови.
На ова барање реагираше специјалната обвинителка Елизабета Јосифовска, која рече дека ова барање е со цел да се одолговлекува постапката.
„Обвинетиот и неговите бранители беа повикани во СЈО да ги преслушаат разговорите. Но, тоа не го сторија“, рече Јосифовска.
Судечкиот совет по барањето на Латас рече дека ќе им бидат дадени транскриптите. Судењето ќе продолжи на 30 мај.
Предметот „Тотал“ е за даночно затајување против Латас, како сопственик на фирмите „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ. Обвинетиот се товари дека за даночните години од 2008 до 2015, со намера тој и правните лица да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давал лажни податоци. Според СЈО, правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјади евра, а физичкото лице за 63 илјади евра.
А. АНТЕВСКА