Амбасадорката на Република Турција во Македонија Тулин Кара не била добро разбрана кога неодамна изјавила дека родителите не треба да ги запишуваат децата во училиштето Јахја Кемал, „доколку во иднина не сакаат да бидат терористи“.
Министерството за надворешни работи соопшти дека се одржала средба со претставници на Амбасадата на Турција во Република Македонија, предводени од заменик шефот на мисијата, Мурат Сумер и било отворено и прашањето за изјавата на амбасадорката на 7 мај годинава.
„Беше изразено незадоволство поради неодамнешната неодмерена изјава на Амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Тулин Кара, поврзано со класификацијата на учениците во училиштата на „Јахја Кемал“ како потенцијални терористи“, стои во соопштението на МНР.
„Од страна на претставниците на Амбасадата на Турција беше изразено жалење што оваа изјава на Амбасадорката Кара дадена во контекст на свеченото отворање на училиште во Тетово, предизвикала реакции кои не се во рамките на основната порака која сакала да ја пренесе, за предупредување за активностите на Фето организацијата во Република Македонија и регионот“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Средбата била на барање на МНР.
Амбасадорката Кара при прмоција на фондацијата „Мариф“ на 7 мај оваа година изјави:
„Апелирам до сите вас и до јавноста, дојдете, сите заедно, нашите деца да ги регистрираме во училиштата на Фондацијата „Мариф“. Доколку ние како родители не сакаме нашите деца во иднина да бидат терористи, треба да ги насочиме во училиштата на „Мариф“, бидејќи „Јахја Кемал“ не нè претставува нас. Дојдете да се бориме против оваа терористичка оргaнизација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, рече Кара.