УЧИЛИШТЕТО „ЈАХЈА КЕМАЛ“ Е ТЕРОРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА, КАЖА ТУРСКАТА АМБАСАДОРКА КАРА

    УЧИЛИШТЕТО „ЈАХЈА КЕМАЛ“ Е ТЕРОРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА, КАЖА ТУРСКАТА АМБАСАДОРКА КАРАТурската амбасадорка во Македонија Тулин Еркал Кара апелираше до родителите децата да ги запишат во Фондацијата „Мариф“ „доколку во иднина не сакаат да бидат терористи“. (Фото: Мета/принтскрин)

    Турската амбасадорка во Скопје Тулин Еркал Кара го нарече Приватното гимназиско училиште „Јахја Кемал“ терористичка организација и апелираше до родителите децата да ги запишат во Фондацијата „Мариф“ „доколку во иднина не сакаат да бидат терористи“.

    „Ајде да се бориме против оваа терористичка организација“, со овие зборови за Приватното гимназиско училиште „Јахја Кемал“, турската амбасадорка во Македонија, Тулин Еркал Кара, ја промовираше Фондацијата „Мариф“ вчера во Скопје, објави „Portalb.mk“.

    „Апелирам до сите вас и до јавноста, дојдете, сите заедно, нашите деца да ги регистрираме во училиштата на Фондацијата „Мариф“. Доколку ние како родители не сакаме нашите деца во иднина да бидат терористи, треба да ги насочиме во училиштата на „Мариф“, бидејќи „Јахја Кемал“ не нè претставува нас. Дојдете да се бориме против оваа терористичка оргaнизација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, рече Кара.

    Од Министерството за образование за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека децата слободно може да се запишуваат во сите училишта кои имаат согласност за работа од Министерството и кои работат во согласност со законските одредби.

    „Не ја коментираме изјавата на амбасадорката, но наш став е дека сите училишта што се во образовниот систем може непречено да функционираат. Училиштето ‘Јахја Кемал’ со години работи во образовниот систем“, велат од Министерството за образование.

    Од МОН велат дека не дале согласност за работа на училиштето во рамки на фондацијата „Мариф“, но според информациите со кои располагаат оваа фондација го откупила приватното училиште „Вудро Вилсон“ во Тетово, за кое претходно Министерството има дадено согласност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира