Нина Костовска од Тетово, која јавноста лани ја запозна преку видеото „Како ќе реагирате ако ве служи фармацевтски техничар со Даунов синдром?“ од кампањата на Европската Унија и УНИЦЕФ „Биди фер – за детство без пречки“, вчера дипломираше на Државниот универзитет во Тетово на катедрата за македонски јазик и книжевност. Пред полна сала гости, пријатели, колеги и професори таа со деветка ја одбрани дипломската тема, во која детално ја обработува книгата од детската книжевност „Белото Циганче“ од Видое Подгорец.
„Вчера нејзиниот сон стана јаве. Нашиот сон стана јаве. Додека беше мала некој да ни кажеше дека ќе се зашпише на факултет и дека ќе дипломира, немаше да веруваме. Секогаш за неа поставувавме многу пониски стандарди, што можеби е и наша грешка. Гледавме дека може и дека сака да учи и постојано ја поддржувавме. Таа и самата секогаш ја праќа пораката дека сите треба да се бориме против предрасудите. Самата вели: ‘Можеме многу повеќе од тоа што се мисли’, и навистина е така“, вели нејзината мајка Сузана Костовска.
- НЕ СИ ГИ КРИЈТЕ ДЕЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ, ВЕЛИ НИНА, ДЕВОЈКАТА ОД КАМПАЊАТА НА УНИЦЕФ
- ЛЕКАРИТЕ МЕ ОТПИШАА, А ЈАС СЕГА ОБУЧУВАМ УЧИТЕЛКИ ДА РАБОТАТ СО ДЕЦА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ, ВЕЛИ НИНА ОД КАМПАЊАТА НА УНИЦЕФ
Таа вели дека нејзиниот професор Славе Бенар, кој бил дел од испитната комисија, откако Нина завршила со бранење на дипломската тема, кажал оти ако некој од другите негови редовни студенти вложи 50 отсто од трудот што го вложува Нина, предвреме ќе ги заврши студиите.
„Кажа дека кога Нина се запиша на факултет бил скептик оти може да има големи постигнувања и дека жали што ја одвраќал од студиите, бидејќи тоа било голема грешка. Исто така, кажа дека никој не му ургирал Нина да положи испит, и дека сите оценки се заслужени и со труд одработени. Ѝ ветив на Нина дека нема да плачам, и издржав цело време додека зборуваше и ја бранеше темата. Но, кога почнаа професорите да ја фалат не можев да се воздржам. Плачев. Плачеа и другите“, вели Сузана Костовска.
Таа вели дека сега ќе се обидат да најдат вработување за Нина, и се надеваат дека општеството нема да ги заборави и овие луѓе и покрај тоа што се со Даунов синдром.
„Се надеваме дека ќе може да најде работа во некоја од институциите и ќе работи, а не само да се вработи и да зема плата. Таа ќе биде корисна за општеството, бидејќи може и знае“, вели Сузана Костовска.
Е. БОЧВАРОСКА