Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по изјавата на Заев кажа дека предлогот Република Илинденска Македонија, презентиран на денешната лидерска средба, подразбира уставни промени и поради тоа е неприфатлив за неговата партија.
Претседателот Ѓорге Иванов, пак, по лидерската средба рече дека ќе почека да го добие предлогот на писмено.
„Средбата беше повеќе од информативен карактер, очекувам да добиеме на писмено за сето ова за кое што бевме информирани и потоа да се произнесеме“, изјави Иванов.
Премиерот Зоран Заев претходно кажа дека Република Илинденска Македонија е предлогот кој што го договорил со грчкиот премиер Алексис Ципрас и како премиер на Македонија стои зад овој предлог и бара поддршка. Предложеното име, рече Заев, ќе биде за севкупна употреба и за внатре и за во светот и за тоа ќе се исполнат сите неопходни промени и процедури. Кодовите „мк“ и „мкд“ ги задржуваме, јазикот и идентитетот ги задржуваме македонски, тврди Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА