Со мазга и коњ денес од Француските гробишта во Битола тргна повеќечлената француско-македонска експедиција долж линијата на некогашниот Македонски фронт (1915-1918). Во експедицијата учествуваат францускиот дипломат и писател Емануел Рембер и новинарот и историчар Емануел Ешт придружувани од планинарскиот водич Петар Нолев од Битола. Тие за 12 дена, патувајќи претежно низ високи планински предели со надморска височина над 2000 метри ќе поминат 240 километри пеш од Битола до Солун.
„Дел од теренот сѐ уште е прекриен со снег. Минуваме од подножјето на Кота 1050, каде ќе имаат можност да ги видат бункерите, рововите од фронтот, ќе одиме кон Маково, Рапеш, до Будимирци, па до врвот Кајмакчалан каде има спомен костурница, по линија на границата и фронтот ќе слеземе кон Бела Земја, Сокол, пробивот на Фронтот во Добро Поле, Кожуф, Гевгелија и понатаму до Солун. Во добар дел теренот е доста лош, посебно во делот на Сокол, но се чувствуваме подготвени“, вели Петар Нолев.
Патниците ќе спијат на терен во вреќи и шатори, а за да ја доловат автентичната атмосфера ќе јадат храна како пред сто години, подготвена традиционално. Со себе зедоа и бакарно котле за да подготват храна.
„Носиме храна автентична за регионот низ кој ќе поминеме, јадење кое во тој период се консумирало. Леб направен со квас кој ќе трае десет дена, суво месо и други прехранбени продукти, па и ракија традиционално направена“, рече Нолев.
Францускиот дипломат Емануел Рембер рече дека идејата за маршот ја добил додека пиел кафе на Широк Сокак.
„Идејата ми дојде додека седев на терасата на едно кафуле, овде во Битола и во рацете имав разгледници од времето на Македонскиот фронт и ги гледав војниците со магариња како поминуваат на овој пат. Станувам од кафулето и одам на француските гробишта во Битола, ја отворам вратата од Музејот и првата силуета што ја гледам е силуетата на Фернар Рембер, војник со истото презиме како моето кое не е често во Франција. Си реков мора да поминам низ неговите стапки“, рече дипломатот Рембер.
Додека патуваат ќе водат и дневник за доживеаното и виденото. Записите ќе послужат потоа да се објави книга за Македонскиот фронт.
„Во Франција сè уште не е доволно третиран овој фронт, а во Македонија се знае многу повеќе за борбите кои се воделе овде. Во Франција Источниот фронт не постои во учебниците, можеби се наведуваат два-три дела за него, поради географската близина за Првата светска војна е има повеќе податоци за битките на Северниот фронт. Тоа ја предизвика мојата љубопитност“, рече историчарот и новинар Емануел Ешт.
Ж. ЗДРАВКОВСКА