БОРКА И ПАВЛЕ ЛУКАНОВСКИ 55 ГОДИНИ ЈА СЛАВАТ ГАЛИЧКАТА СВАДБА

    БОРКА И ПАВЛЕ ЛУКАНОВСКИ 55 ГОДИНИ ЈА СЛАВАТ ГАЛИЧКАТА СВАДБАБорка и Павле Лукановски во Галичник ја живеат третата младост и го одржуваат во живот легендарното село (Фото: СДК.МК)

    Павле и Борка Лукановски се единствените жители на Галичник кои престојуваат во ова најстаро село во Мијачкиот крај и преку зимата. Павле е внук на Kрушевскиот војвода Трпко, кој во борба со османлиите загинал на 31 јули 1903 во близина на Крушево .

    „Дедо ми загинал непосредно пред прогласувањето на Крушевската Република. Учествувал во воспоставувањето на востаничка власт, но во една борба против Турците во близина на Крушево загинал. Мојот татко се родил два дена подоцна“, вели 75-годишниот Павле.

    Куќата на Тодор Томовски, кој во отоманското време од 1880-1900 година не дозволил да биде потурчено населението во Галичник кое броело повеќе од 3.000 и било поголемо од Гостивар (Фото: СДК.МК)

    Тој и сопругата Борка пред две години правеле златна свадба. Постојано се присетуваат на моментите кога Борка од Кичево дошла да работи во Галичник. Се запознале и се засакале. Нивната долгогодишна љубов и љубовта кон Галичник направиле да бидат цели 55 години современици на манифестацијата Галичка свадба.

    „Правевме свадба три години по најновото востановување на оваа убава традиција. Но, нашата свадба не се случи на Петровден, туку мораше во зима. Убаво се сеќаваме на таа 1966 година, кога снегот не беше пречка да дојдат сите наши најблиски на свадба“, велат сопружниците Лукановски, на кои наредните неколку години им се родиле ќерка и син, а подоцна од нив и три внуци, Марко, Филип и Симона.

    „Пред триесетина години имавме стадо од 500 молзни овци. Но, со оглед на сè потешките услови за одгледување, денес чуваме само педесетина колку за наши потреби. Овчарството во овој крај стагнира. Ако на времето имало над 10.000 овци, денес пасиштата на Бистра се празни, има десет пати помалку. Борка цел живот работи како готвач и сега е главна во кујната. Јас сум страстен ловџија, а таа е мајстор да зготви дивеч. Но, најмногу уживаме во галичкото сирење и кашкавал“, вели Павле, поранешен хемиски техничар од „Охис“.

    Ова старо галичко семејство е дел од познатите галички дејци како сликарот Лазар Личеноски, иконописецот и резбар Макарија Фрчкоски, првиот македонски учебникар, филолог, фолклорист и митрополит Партениј Зографски, писателот преродбеник Ѓорѓија Пулевски, музичкиот гениј Александар Сариевски и други.

    Групата од 150 луѓе од цела Македонија во турата на „Еуролинк осигурување“ викендов  ја слушаа историјата за Галичник од Павле Лукановски (Фото: СДК.МК)

    Евоцирањето спомени на Лукановски го следеа над 150 посетители на Галичник, кои викендот престојуваа во ова легендарно село во пазувите на Бистра преку програмата „Мапа на културата“, што петта година ја спроведува осигурителната компанија „Еуролинк“. Имаше патници од Куманово, Штип, но најмногу од Скопје. Сите заедно ги разгледаа знаменитостите на Галичник, посебно двете цркви, постарата „Св. Петка“ и поновата „Св. Петар и Св. Павле“. Според локалниот кустос на оваа црква Јован Кежароски, главната црква каде традиционално на Галичката свадба се венчаат младите од 1936, е збогатена со икона на која кога ќе ја погледнеш однапред се глед Исус распнат на крст, од десната страна ликот се претвора во мајка Богородица, а од другата страна пак ликот на Исус, но со бодликавиот венец.

    „Вакви бесплатни патувања на специфични културни места во Македонија веќе реализиравме за Бигорскиот манастир, археолошките локалитети Хераклеја и Стоби, прошетки низ Скопје, а организиравме и бесплатни школи за балет, тенис, пливање и други спортови. Македонската култура на дланка и сè за младите се нашата девиза и порака“, вели Сања Чевревска од „Еуролинк осигурување“.

    Активноста е дел од платформата за Корпоративно општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира