ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА ЌЕ СЕ РАТИФИКУВА ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА ВО СОБРАНИЕТО, ВМРО-ДПМНЕ ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА

    ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА ЌЕ СЕ РАТИФИКУВА ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА ВО СОБРАНИЕТО, ВМРО-ДПМНЕ ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТАКоординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече дека надлежна за ратификацијата е Комисијата за надворешна политика, а не Комисијата за европски прашања. (Фото: М. Златевска)

    Собранието со 70 гласа „за“ ја усвои потребата за донесување Закон за ратификација на договорот за решавање на спорот за името со Грција. Претходно, со 69 гласа „за“ беше усвоен предлог-законот да се донесе во скратена постапка, единствено Ферид Мухиќ беше против од владејачката коалиција.

    Предлогот-законот за ратификација го образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој кажа дека има рокови кои мораат да се запазат до Самитот на ЕУ и дека се надева дека дотогаш ќе биде ратификуван договорот.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа против, а координаторот на пратеничката група Драган Данев рече дека ваквото носење на законите е кршење на деловникот, законите и уставот. Тој додаде дека надлежна за ратификацијата е Комисијата за надворешна политика, а не Комисијата за европски прашања.

    „Ова е капитулантски договор. Со менување на уставот се менува индентитетот. Владата не доведе во ситуација од која нема враќање. Ова е современ геноцид на правната држава“, рече Данев и побара пауза од еден час.

    Но, претседателот на Собранието Талат Џафери не му даде пауза со образложение дека Данев не побарал процедурално, по што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата.

    Предлог-законот сега оди во Комисијата за европски прашања, каде што расправата трае максимум два дена, по што се враќа на пленарна седница. Комисијата е закажана за 15 часот.

    Пред Собранието има мал протест против договорот со Грција.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира