Владејачкото мнозинство ги изгласа претседателот и тројца членови на Регулаторната комисија за енергетика. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа против. За претседател на Комисијата е избран Марко Бислимовски, а за членови: Наташа Вељановска, Атанаско Тунески и Гуштрим Рамадани.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека со изборот се руши независноста на регулаторното тело, бидејќи ставиле партиски кадри. Пратеникот од опозицијата Драган Цуклев покажа слика од Атанаско Тунески како зборува на прес-конференција на СДСМ.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече дека Наташа Вељановска во Комисијата, доаѓа од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Данев, за изборот на Вељановска, која девет месеци работела со вицепремиерот Анѓушев, е потценување на интелигенцијата, не само на пратениците, туку и на граѓаните.
„Ние не ја спориме нивната професионалност, туку нивната независност. Ова е крај на освојувањето на Регулаторната комисијата за енергетика од Анѓушев“, обвини Данев.
Пратеникот на СДСМ Хари Локвенец му реплицираше на Данев дека Вељановска е професионалец и дека работела во Регулаторната комисија, а во Кабинетот на Анѓушев само помагала.
Горан Милевски од ЛДП, рече дека ВМРО-ДПМНЕ заборава дека Атанаско Тунески од 2006 година неколку години беше претседател на партиската Комисија за енергетика во ВМРО-ДПМНЕ.
„Запрашајте се зошто ви избегал Тунески“, му реплицираше Милески на Цуклев.
Пратеникот на ДУИ, Реџаиљ Исмаили во одбрана на Гуштрим Рамадани, рече дека тој е професионалец од областа на енергетика кој се вратил од Австрија да работи во Македонија. Член е на Регулаторната комисија за енергетика од 2013 години.
Собранието го избра Максут Али за претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, а за членови се избрани Ментор Јакупи, Дарко Саздов, Борче Божиновски и Марина Макенаџиева.
ВМРО-ДПМНЕ при гласањето за дневниот ред, пак ја повтори забелешката дека од власта продолжува со праксата за носење на закони по скратена постапка.
„Продолжувате со праксата за носење закони по скратена постапка. Го носите Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, бидејќи сакате да правите брзи смени на директорите. Европската комисија собира забелешки за новиот извештај и освен името имаат забелешки и за вакви работи“, рече Данев.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев рече дека досега Собранието донело 157 закони, од кои 114 во редовна и 43 по скратена постапка, а за шест кои биле консензуални гласале и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Собранието ќе ја продолжи расправата по редовната едночасовна пауза.
Г. ТРПЕНОСКИ