Двете локални институции од областа на културата кои работат во Велес се жалат дека имаат премалку вработени. Во Народниот музеј во четирите одделенија има девет вработени, а во Градската библиотека девет. Тоа е премалку за двете институции да ја вршат основната дејност.
Во годишниот извештај за работа на Народниот музеј Велес, директорката Анита Василковска-Мидова констатира кадровски дефицит и дека само тројца од вкупно деветте вработени кои работат на истражувачка работа се со високо образование, останатото е администрација. Посебно сериозен е проблемот со недостиг на етнолог, кого го немаат три години, а предметите од ова одделение толку време немаат соодветна заштита и конзервација. Во библиотеката „Гоце Делчев“ вработени се осум лица, што е премалку според бројот на читатели и бројот на книги со кои располагаат.
Градоначалникот на Велес Аце Коцевски вели дека ваквата состојба е резултат на подолгорочно отсуство на инвестирање во културните институции во градот.
„Состојбата е алармантна, слично е и во другите општини. Во името на ЗЕЛС напишав реакција до централната власт која некорекно се однесува кон општините и градот Скопје. Ако некој замине во пензија, почине прерано или замине од работа, веднаш по автоматизам централната власт ги укинува трансферите за плати за тие работни места. Јас не би сакал за плати на вработените од музејот и библиотеката да им исплаќам од основниот Буџет, бидејќи со децентрализацијата тоа е обврска на централната власт, која ги сервисира платите на вработените“, вели Коцевски.
Советот на Општина Велес има донесено план за вработување годинава и во двете институции, но немаат одобрување од надлежните министерства, така што е отворено кога во Народниот Музеј и Градската библиотека ќе бидат ангажирани нови лица. Идентична е состојбата и со средношколскиот интернат, каде има малку воспитувачи кои се грижат за 220 ученици.
П. ПЕЧКОВ