По повеќемесечно одлагање, почна судскиот процес против новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ – Латас по обвинението на СЈО за даночни затајувања во периодот од 2008 до 2015 година, во износ од 164 илјади евра.
Во воведните зборови, обвинителот на СЈО Гаврил Бубевски денеска во Основниот суд Скопје 1 објасни како со лажирање на книговодствената евиденција на фирмите „Тотал маркетинг агенција“, „Тотал маркетинг“, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“, нивниот сопственик и управител Драган Павловиќ – Латас избегнал да плати данок на државата во износ од 164 илјади евра.
Според обвинението, Латас како управител на овие фирми, ја намалил основицата за пресметување данок на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на ДДВ и не пријавил лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход.
Бубевски рече дека СЈО со запленетата документација од фирмите на Латас, со прислушуваните разговори и со сведок, ќе докаже осомничениот ги користел неговите фирми како параван и всушност набавката на опрема и услуги за себе, ги евидентирал како набавка за правните лица.
Три од нив воопшто немале вработени за вршење на дејноста и за користење на опремата која ја набавувал. Таквите средства во книговодството ги евидентирал како основни средства, опрема, тековни трошоци, со што ја намалил основицата за пресметување на данокот на добивка.
Обвинетиот, како управител на овие фирми, преку нив вршел, всушност, набавки за себе лично. Низ фирмите биле прокнижени: два душека „Меџик тач“ во вредност од 3.080 евра, рачен часовник „Брајтлинг“ од 2.341 евра, персиски теписи во вредност од 4.635 евра, гуми за неговиот автомобил, сончев систем и монтажа на канализација во неговата куќа во Зелениково, ваучери за телефони, телевизори, лустери, други скапи предмети.
Пред да стане Латас да даде воведен збор, неговите адвокатки побараа одговорност и нестручност кај вработени и службени лица во УЈП. Рекоа дека има релативна застареност на делови од обвинението и најавија дека ќе го оспорат вештачењето за овој предмет. Обвинетиот сакал да го плати целиот долг по отворањето на истрагата на СЈО, но обвинителството одбило, се пожали одбраната. Обвинетиот Павловиќ – Латас рече не чувствувал вина.
С. К. ДЕЛЕВСКА