Собранието со 69 гласа „за“ и 1 „воздржан“ во трето читање денеска го изгласа законот за ратификација на договорот со Грција за решавање на спорот за името. Воздржан беше пратеникот Ферид Мухиќ.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров точка по точка повторно ги објаснуваше аргументите зошто договорот со Грција треба да биде ратификуван од пратениците. За причините на претседателот Ѓорге Иванов за непотпишување на указот за прогласување на законот, Димитров рече дека наводите дека се бришат македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се точни, туку напротив, со договорот тие се зајакнуваат.
„Нема веќе да има погрдни имиња, додавки, фиром и слично. Си останува и ќе биде македонски јазик и македонски идентитет“, рече Димитров.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пак не присуствуваа на ратификацијата. Генералниот секретар Игор Јанушев на прес-конференција пред Собранието рече дека власта сама си го носи договорот со Грција, кој го нарече капитулантски и дека се него брише зборот Македонија и е штетен по националните интереси на државата.
Тој најави кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев ако ратификацијата биде објавена во Службен весник без потпис на Иванов.
На 20 јуни, Собранието со 69 гласа „за“ го ратификуваше договорот со Грција во второ читање, а Иванов на 26 јуни го извести Собранието дека донел одлука да не го потпише указот за прогласување на законот.
Г. ТРПЕНОСКИ