Владата ќе одлучува што да се прави со 770 илјади книги од капиталните проекти, кои се сместени во подрумите на Министерството за култура и националните институции, најави министерот за култура Асаф Адеми. Според извештајот на Државниот завод за ревизија, за капиталните проекти за превод и печатење на книги, кои во 2009 година ги почнаа поранешниот премиер Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска, биле потрошени 9 милиони евра.
Проектот почна со „Ѕвезди на светската книжевност“, кој чинеше 4 милиони евра за издавање на 429 наслови во 1.000 примероци. Во 2013 следеше „Врвови на светска филозофија, историја, психологија и психоанализа“, во вредност од 1,7 милиони евра за превод на 336 книги и за печатење, за што се одвоиле дополнителни 500 илјади. Во 2015 почнуваат „Светско книжевно богатство“ и „Антологија на светска поезија“.
„Во изминатиов период до Министерството за култура е доставена уредна документација за 83 книги, но од март- април 2017 година, немаме направено прием на ниту една книга. Причината за недоставените примероци е дека Министерството во своја сопственост има 770 илјади примероци од испечатените наслови од капиталните проекти од преходната Влада. Во моментов, дел од испечатените примероци се сместени во подрумите на Министерството, но и во други помошни простории на пет национални инстии од културата. Со цел решавање на оваа ситуација, првиот чекор е дистрибуирање на веќе испечатените примероци од подрумите. Во оваа насока, наскоро ќе биде доставена информација до Владата, со нови предлог решенија од овие наталожени проблеми, дали ќе се предложи промена на одлуката на листата на институции кои треба да ги добијат примероците од книгите и ќе се вклучат оние кои во преходните години не добивале примероци“, рече министерот Адеми на денешниот отчет за едномесечната работа на оваа функција.
Ревизорите утврдиле дека во магацинот на Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ се смесетни стотици илјади книги од проектот, а кога веќе немало таму простор, книгите се носеле во депоата на Археолошкиот музеј и во Музејот на револуционерната борба.
Отпечатените книги низ годиниве освен што се достапни во градските библиотеки низ Македонија, и во библиотеките во училиштата, се продаваат во НУБ и во книжарниците.
Б. НЕСТОРОСКА