Бугаринот Јане Петков на 24 јули ќе се обиде да плива во Охридското Езеро врзан со ланци во вреќа. Тој на овој начин ќе се обиде да преплива три и пол километри. Финалните подготовки за овој подвиг, Петков, кој е од Петрич, ќе ги изведува во Охрид, почнувајќи на 10 јули.
„Овој атрактивен настан го организира охридски Црвен крст, во соработка со Клубот за спортови на вода, Општина Охрид и Општина Петрич, а регуларноста ќе ја следат претставници на Гинис”, велат од организацискиот одбор.
Шеесет и четиригодишниот Петков токму ва Охридското Езеро постави Гинисов рекорд, кога на ист начин, во септември 2013 година, преплива должина од 2.388 метри, за време од два часа, 55 минути и 47 секунди, поминувајќи ја патеката Горица-Градско пристаниште. Тогашниот настан предизвика огромен интерес и беше проследен од голем број медиуми низ светот.
Сегашниот Гинисов рекорд во пливање со ланци во вреќа го држи Индиецот Гопал Карви, со препливани 3.071 метар во Индискиот Океан во ноември 2013 година.
Д. ЧУБРИЌ