ВРАБОТЕНИТЕ ВО „СЕКЈУРИКОМ“ НА ПРОТЕСТ ПОБАРАА РАКОВОДСТВОТО ДА ИМ ИСПЛАТИ ЦЕЛА ПЛАТА, А НЕ НА ДЕЛОВИ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО „СЕКЈУРИКОМ“ НА ПРОТЕСТ ПОБАРАА РАКОВОДСТВОТО ДА ИМ ИСПЛАТИ ЦЕЛА ПЛАТА, А НЕ НА ДЕЛОВИШтрајкувачите се обидоа да влезат во зградата на седиштето на фирмата за да разговараат со претпоставените, но беа спречени од обезбедувањето и полицијата. (Фото: К. Попов)

    Вработените од фирмата „Секјуриком“, која ги чисти и одржува владините институции, протестираа пред дирекцијата барајќи ги заостанатите плати, придонеси и регресот за годишен одмор. Од први јануари до денес вработените имаат добиено само четири плати и тоа со задоцнување.

    Февруарската плата ја добиле на 2 април, мартовската на 25 април годинава, а априлската им била исплатена на двапати, на 30 мај и на 12 јуни.

    „Си ја сакаме платата навремено и редовно, не во делови. Доцнат со плати секој месец, немаме ниту здравствено, ниту, пензиско осигурување, не можеме да одиме на лекар да земеме лекови. За регресот за годишен одмор, велат дека се услужна дејност, и доколку сакаме регрес, ни кратат од платата“, изјави Надица Мартиновиќ, една од вработените во „Секјуриком“, кои протестираа пред зградата на фирмата во центарот на Скопје.

    Од „Секјуриком“ велат дека доцнат со платата само 20 дена и на вработените им е понудено да им исплатат дел од платата.

    „Направен е напор и денеска вработените земале дел од платата“, изјавија од „Секјуриком“

    Штрајкувачите се обидоа да влезат во зградата на седиштето на фирмата за да разговараат со претпоставените, но беа спречени од обезбедувањето и полицијата.

    Вработените кои протестираат бараат раководството да им каже конечно што ќе биде со фирмата.

    „Имаше проневера од околу 11 милиони евра. Можеби е блокирана сметката, не знаеме. Нека ни кажат, ја бива или не работата. Да одиме да си бараме работа по други фирми. Треба да се плаќаат сметки, рати за кредити“, изјавија дел од штрајкувачите.

    На 16 март, Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Васе Доневски и газдата на фирмата „Секјуриком“ Волфганг Гампер за Злоупотреба на службената положба и овластување и за кривично дело соизвршителство.

    Финансиската полиција открила дека ексдиректорот Доневски во текот на 2015 година свесно и со однапред утврдена намера ја искористил службената положба и со пречекорување на службените овластувања иницирал постапка за јавна набавка без електронска аукција во која фирмата „Секјуриком“ добила тендер во вредност од 11 милиони евра.

    На Доневски му беше изречен притвор, а газдата на „Секјуриком“ помина со поблаги мерки на претпазливост.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира