ДОКТОР МЕНГЕЛЕ ВО ЗАТВОРОТ ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ, АЛАРМ ОД ОМБУДСМАНОТ

    ДОКТОР МЕНГЕЛЕ ВО ЗАТВОРОТ ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ, АЛАРМ ОД ОМБУДСМАНОТОмбудсманот е загрижен што, како што вели Бајрамовска - Мустафа, се занемарува фактот што некои од штитениците се и со искуство на сексуални злоупотреби и место тие да се изолираат од останатите деца и момчиња, на сите им се делат кондоми, што од друга страна го попречува земањето докази во случаи кога има силување меѓу штитениците. (Фото: СДК.МК)

    Ако им се примоча по 22 часот навечер, 28-те деца, меѓу кои има и полнолетни штитеници во Воспитно-поправниот дом “Тетово“ , уринираат во пластични шишиња кои ги чуваат до зглавјето во собите кај што спијат. Шишињата ги истураат дури утредента, кога обезбедувањето им ги отклучува собите.

    Освен овој податок, Народниот правобранител вчера, презентирајќи го Посебниот извештај за состојбите со децата во ВП Дом “Тетово“, моментално сместен во затворот за малолетници во Охрид, објави и други шокантни податоци кои ги дознале во разговорот со нив.

    “По 22 часот просториите во кои се сместени штитениците се заклучуваат и за евентуална физиолошка и друга потреба тие користат ѕвоно, кое е поврзано со просторијата на дежурниот. Меѓутоа, децата изјавија дека многу често дежурниот навреме не се одзива на повикот, поради што се принудени да уринираат во пластични шишиња кај што спијат и да ги чуваат до утредента“, рече заменикот Народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа. Истовремено тие се пожалиле и дека зимно време смееле да се бањаат само еднаш неделно, а лете, иако објектот има сончеви колектори, дозволено им е двапати да се избањаат. Немаат врати на вецињата, ни завеси во бањата, па според Бајрамовска-Мустафа, ни приватност ни интимност при вршење нужда и капење.

    Во установата немаат постојан лекар, а кога се болни, обезбедувањето им ја дели терапијата препишана од лекар од Здравствениот дом во Охрид. Ниедно од децата здравствено не е осигурано. Кај некои од штитениците утврден е хепатит, а ниедно од нив, вели Бајрамовска – Мустафа, не е корисник на дрога. Хепатитот се пренесува со сексуален однос меѓу момчињата во ВП Домот.

    Омбудсманот е загрижен што, како што вели Бајрамовска – Мустафа, се занемарува фактот што некои од штитениците се и со искуство на сексуални злоупотреби и место тие да се изолираат од останатите деца и момчиња, на сите им се делат кондоми, што од друга страна го попречува земањето докази во случаи кога има силување меѓу штитениците.

    “Највознемирувачко при посетата беше тоа што при увидот во здравствените картони на децата, Народниот правобранител констатира дека дури на 15 деца им е препишана терапија со “дијазепам“, со дневна доза од 0,5 до 20 милиграми“, тврди Бајрамовска.

    Во образложението за дозата “дијазепам“ како за животно тешко над 300 килограми, што им ја препишувале лекарите на овие деца стои:“растројство на личноста со низок праг на толеранција“, “нагла импулсивност и фрустрации“ и “низок социјален и едукативен статус“.

    Народниот правобранител Иџет Мемети, кој исто така беше на презентацијата, констатира дека и натаму за штитениците во овој дом од полуотворен вид, нема услови за ресоцијализација и ги повика институциите да се разбудат од длабокиот сон и да им помогнат на овие деца. Образовен процес се уште во ВПДом “Тетово“ нема, пола од децата се комплетно неписмени, а кривична одговорност што со години таму не се одвива основно и средно образование, кое е задолжително со закон, се уште никој не понел од Министерството за образование.

    “Синото препознатливо сандаче на Правобранителот за поплаки од децата сега е пребоено во бело, дното е дупнато за да се вадат и да се читаат писмата што му се упатени и кои треба да ги прочита само Омбудсманот, децата во ВПДом “Тетово“ рекоа дека се плашат веќе да ни пишуваат“, вели заменикот-омбудсман Бајрамовска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира