Некаде околу 250. бомба пуштена на судењето за предметот на СЈО „Траекторија“ за злоупотребите при изградбата на кинеските автопати, вработен во Министерството за транспорт и врски на поранешниот министер Миле Јанакиески, сега обвинет, му кажува:
„Министре, стигна понудата од СВЕ, пониска за 5 милиони евра. Што да правиме?“
Јанакиески му одговара: „Ништо, не ѝ давај значење“.
Понатаму во денеска објавените бомби се слуша како Јанакиески непосредно пред доаѓањето на претставници од кинеската компанија „Синохидро“, која го доби договорот за автопатите, дознава дека нема ни физибилити студии, ни проекти за делниците Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид и во последен момент му се јавува на обвинетиот ексдиректор на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски и му вели како знаат да ги направат и да му ги пратат.
Во друга бомба, Јанакиески на обвинетиот поранешен вицепремиер Владимир Пешевски му вели: „Како да го врземе кредитов од Ексим банка, во евра или во долари. Да го врземе во долари?“,
Пешевски му одговара: „Знаеш дека ако го врземе во долари, сумата ќе отиде у пичку матер горе“.
Во следен разговор, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески го подучува Јанакиески како треба да изгледа договор за изградба на патишта со странска компанија. и договор за заем од меѓународна банка и му вели: „Миле, ова што си ми го пратил не е договор“.
„Како не е договор, што треба да ви ставам јас во договорот“, прашува Јанакиески.
„Миле, даночниот дел не ти е регулиран. Си ставил само име на компанија“, го советува Ставрески.
Следуваа бомби за непосредно пред носењето на законот за кинеските автопати во Собранието за задолжувањето кај кинеската банка „Ексим“ во услови кога обвинетите Јанакиески, Пешевски и тогашниот премиер Никола Груевски кријат дека постои пониска понуда од друга кинеска компанија.
С. К. ДЕЛЕВСКА