Руската амбасада во Македонија соопшти дека е политички неодоговорна и русофобна денешната изјава на премиерот Зоран Заев за навивачи „комити“ потплатени од руски бизнисмени да протестираат против договорот со Грција и зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Изјавата на Заев ја сметаме за политички неодговорна. Таа ја става под знак прашалник искреноста на заложбите на Владата на Македонија за градење добри односи со Русија. Со жалење констатираме дека русофобијата сè повеќе станува алатка во надворешната, а и во внатрешната политика“, соопшти Амбасадата на Руската Федерација преку својот твитер профил.
Заев, прашан за своите тврдења дека руски бизнисмени ги потпалувале протестите во Македонија изречени во интервју за „Базфид“, посочи на добиените извештаи од разговорите во полицијата со дел од демонстрантите.
„Зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добиваме. Знаете, тие млади момчиња ‘комити’ кога нападнаа полицајци беа повикани во полицијата на исказ, па спомнуваа бизнисмени од Русија дека давале пари, заради тоа се тука и оти немаат ништо против или слично“, рече Заев.