Скулпторката Лилјана Ѓузелова-Хаџи Бошкова почина денес во Скопје на 83 години. Родена во Чачак во 1935 година и по образование лингвист, таа беше истакната скулпторка и визуелна уметница која имаше реализирано десетина самостојни изложби во Македонија и во странство, а учествувала и на повеќе групни изложби.
Ѓузелова, која е сестра на академик Богомил Ѓузел и сопруга на академик Петар Хаџи Бошков, работеше и се пензионираше во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.
Последниве години таа беше посветена на големата ретроспективна изложба на доајенот на македонската уметност Петар Хаџи Бошков „Дела на хартија“ во Музејот на современа уметност (МСУ). Изложбата се отвори лани во јуни, а Ѓузелова за САКАМДАКАЖАМ рече дека најважно во процесот било да се селектираат делата што ќе бидат изложени, зашто тимот од кустоси бил соочен со околу 2.000 скици, цртежи, графики.
„Ги изложивме највредните работи. Перо многу сакаше да ја реализира оваа изложба на која еве се изложени и неговите први работи, од 50-тите години на минатиот век. Циклусите од тоа време од Њујорк, од Лондон, неговите проекции на градовите. Колку што сум среќна, толку ми е и жал што Перо не е овде да ја види изложбата“, рече Ѓузелова.
На прашањето каде ќе одат делата по завршувањето на поставката, таа одговори: „Дома. Таму им е местото. Повеќето од овие дела не се за отуѓување, имаат историска вредност“, рече Ѓузелова и додаде оти е сепак среќна дека нејзинот сопруг живее преку делата.
Погребот на Лилјана Ѓузелова ќе биде на 19 јули во 11 часот на Градските гробишта Бутел.
Б. НЕСТОРОСКА