Скопското јавно обвинителство го преквалификува кривичното дело насилство со смртна последица во убиство извршено на свиреп начин од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик. Во притвор се напаѓачите на Саздовски, припадник на навивачката група „Комити“, Б.Б. (20), С.Д. (21). Во бегство е третиот осомничен, кој бил со нив на 29 јуни во 17.30 часот, кога во Автокоманда на автобуска постојка го претепаа до бессознание Саздовски. Неконтактибилен како што бил примен веднаш по нападот, тој почина на 9 јули во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
„По преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во предметот против трите лица осомничени за кривичното дело извршено на 29 јуни 2018 година при кое почина лицето Н.С., Основното јавно обвинителство Скопје изврши преквалификација на кривичното дело за кое до сега се водеше истражната постапка. Имено, наместо за кривично дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, против тројцата осомничени ќе се води истражна постапка за кривично дело Убиство извршено на свиреп начин од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик. Ваквата одлука на јавниот обвинител следи откако во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални и материјални докази, односно беа испитани повеќе сведоци, беше прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт“, вели Јавното обвинителство на Македонија (ЈОРМ).
Ова вештачење било доставено во обвинителството на 16 јули 2018 година и од него неспорно произлегувале динамиката на кривично-правниот настан во смисла на видот и карактерот на здобиените повреди кај лицето Н.С., а се утврдила и причинско-последичната врска на нанесените повреди и нивното влијание на смртниот исход.
Одлуката за преквалификација на кривичното дело можела да се донесе само откако јавното обвинителство ги обезбедило сите релевантни докази, меѓу кои и судско медицинското вештачење, и откако ги утврдило фактите кои произлегуваат од тие докази, потенцира ЈОРМ.
„Истражната постапка против тројцата осомничени ќе продолжи за кривичното дело убиство. Пред да биде донесена јавно-обвинителската одлука, двајцата осомничени кои се наоѓаат во притвор во Затворот Скопје ќе бидат доведени пред надлежен јавен обвинител за да дадат своја одбрана за ова кривично дело. За третиот осомничен кој сè уште е недостапен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница“, се наведува во соопштението.
Воедно, надлежен јавен обвинител во текот на истражната постапка, продолжува да презема и други истражни дејствија, меѓу кои ќе издаде и наредба за медицинско психијатриско вештачење на двајцата осомничени.
С. К. ДЕЛЕВСКА