СИТЕ СМЕ ИСТИ, ПОРАЧАА ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ КОИ ТРЧАА ШТАФЕТА ВО СТРУМИЦА

    СИТЕ СМЕ ИСТИ, ПОРАЧАА ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ КОИ ТРЧАА ШТАФЕТА ВО СТРУМИЦАПедесетина деца со посебни потреби од Струмица, Прилеп, Валандово, Радовиш и Штип, со пораки напишани на хартиени срца трчаа за да ја подигнат свеста во заедницата дека не постојат разлики и сите се еднакви.(Фото: СДК.МК)

    ‘Подај ми рака и биди ми другар’, ‘Поместуваме планини заедно’,’Сите сме исти’, беа пораките на „Штафетата на еднаквоста“ во Струмица, што ја организираше здружението „Вера“, а на која деца со посебни потреби и различности од Струмица, Прилеп, Валандово, Радовиш и Штип трчаа во Градскиот парк. Децата со пораки напишани на хартиени срца трчаа за да ја подигнат свеста во заедницата дека не постојат разлики и дека сите се еднакви.

    „Иако има напредок во општеството, сепак нашите деца ги гледаат со други очи. Дојдовме од Прилеп за да докажеме дека сме сите еднакви и не постојат разлики меѓу нас, само треба да си подадеме рака и да бидеме едно’’, кажа Јасмина од Прилеп која заедно со нејзината ќерка во количка трчаше на штафетата.

    Околу 50 деца се дружеа меѓусебе и ја истрчаа предвидената штафета со пораки, прва од таков карактер во Струмица. Во штафетата се вклучија и родителите на децата, но и посетителите во паркот кои шетаа.

    „За овие деца ние светот го гледаме со други очи и ја наоѓаме среќата и во малите нешта. За нив ние станавме и учители и спортисти и актери и пејачи и лекари. Научивме дека не сакаме да ги промениме нашите деца, но подготвени сме да го промениме светот за нашите деца“, кажа Анче Tуфекчиева од здружението „Вера“.

    Штафетните пораки сите деца му ги подарија на градоначалникот на Струмица Коста Јаневски за да ги има предвид  како треба да ја креира општината.

    Во штафетата се вклучи и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов кој неодамна најави дека ќе отвара мал групен дом во селото Пирава.

    В.ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира