Луѓето погодени од катастрофалните пожари во Грција, кои досега однесоа најмалку 74 животи, опишуваат како морале да скокаат во морето „бидејќи огнот ги притискал како пламенофрлачи“.
„Сѐ се случуваше многу брзо. Огнот беше во далечина и за кратко време беше насекаде околу нас. Моравме да скокаме во морето, но поради чадот, ветерот и брановите изгубивме ориентација. Видов двајца луѓе како се дават“, раскажа локалниот жител Костас Ставринидис.
Спасувачките екипи кои стигнале до селото Мати, сезонско одморалиште 40 километри североисточно од Атина, затекнале ужасна глетка на изгорени тела, куќи и автомобили. На 30-ина метри од плажата, на отворен простор, тие пронашле група на 26 пријатели и роднини, кои гушнати ја дочекале смртта.
Стотици пожарникари продолжуваат да се борат со пожарите, кои се потпомогнати од ветрови од 100 километри на час. Тие целосно го уништија селото Мати, чии кампови се популарни меѓу пензионери и деца.
„Она што се случува во Атика е црн пекол. Откако поминав покрај стотици изгорени автомобили и куќи, стигнав до местото каде што се пронајдени голем број тела. Некои сѐ уште лежеа на земјата, додека отровен мирис се ширеше низ атмосферата. Повеќето од нив биле туристи, кои се обиделе да избегаат, но не успеале да стигнат до морето. Гледајќи дека им се ближи крај, се гушнале и така умреле заедно“, изјави шефот на грчкиот Црвен крст, Никос Економопулос.
Премиерот Алексис Ципрас прогласи три дена национална жалост и изрази стравување дека бројот на загинати би можел да порасне. Во болници се примени 164 возрасни и 23 деца, некои од нив се во критична состојба.
„Луѓето претрпеа ужасни изгореници поради брзото ширење на огнот“, изјави Димитри Пирос од националниот амбулантен сервис.
Ова се најкатастрофалните пожари во Грција од 2007 година, кога повеќе од 60 луѓе загинаа на Пелопонез.