Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе пресуда дека на лустрираниот Никола Костурски од Битола му било прекршено човечкото право за фер судење со што му се нанеле неправда и душевен бол, па побара Република Македонија да му плати отштета од 6.500 евра. Костурски, лекар специјалист и долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, беше лустриран во 2013, истата година кога беше укинато самостојното оддржување на традиционалната средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и беше соединета со Иселеничката средба, која пак ја организира Светскиот македонски конгрес.
„Во 2013 година дојде писмено барање од Светскиот македонски конгрес и од тогашниот градоначалник Владимир Талески да се укине средбата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија што се одржуваше во Трново и да се прославува една заедничка Иселеничка средба. На таквото барање се спротивставив јас и цело претседателство застана зад мене. По ова, есента во ноември бев лустриран. Од 2014 година наваму нема средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Имаше обид здруженијата на Македонците од Егејскиот дел да се стават под партиска капа на претходната власт“, вели Костурски.
По лустрацијата Костурски поднел жалба до Управен суд на Македонија, па до Вишиот управен суд, но бил одбиен. Следувала тужба до Стразбур бидејќи не му била дадена можност за фер судење и одбрана, во постапките пред судот имал предложено сведоци, но тие не биле земени во предвид. По две години, судот во Стразбур пресече во негова полза, државата во следните три месеци ќе треба да му исплати 6.500 евра отштета за лустрирањето.
Но, и покрај ваквата пресуда, тој и понатаму формално останува лустриран, односно кодош. Поради ова, најавува дека здружено со други лустрирани лица кои ги добиле споровите во Стразбур, ќе бараат преку македонските институции да добијат правда.
„Бидејќи судот во Стразбур не се впушта во материјални расправа дали сум во право или не, туку тие ги гледаат фактите и постапките дали судењето било фер, формално правно јас сѐ уште се водам како кодош. Сме во контакт повеќе луѓе лустрирани, за кои судот во Стразбур ги уважи нашите барања, сметаме дека има подлога за да се обратиме пред државата Македонија да ја исправи оваа неправда. Или да ни се дозволи фер судење или да се донесе одлука да бидат поништени овие предмети кои Стразбур ги враќа назад како неправилно пресудени“, рече Костурски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА